Општина Центар деновиве го издаде првото одобрение за купување државно земјиште во поранешната фабрика Треска за дооформување на градежна парцела за изградба на згради според планот донесен уште од времето кога локалната власт беше на ВМРО-ДПМНЕ до 2013 година. Иако беше ветено, Општина Центар упорно не ги објавува проектите наградени од стручната жири комисија за урбанизирање на просторот. Конкурсот беше распишан уште кога градоначалник на Центар беше Саша Богдановиќ, но јавноста не ги виде идејните решенија на конкурсот.
Баратели за дооформување на парцела со откуп на државното земјиште во Треска се градежните компании „Голден арт“ и „Мега и акустик“. Тие се сопственици на повеќе од 90 % од земјиштето во фабриката Треска.
„Оваа власт во Општина Центар му пресуди на последниот поголем простор, и си ја потврди својата улога на непријател на граѓаните. Тука секако помогнаа сите спреги, пожарот, маркетингот, неприфаќањето суспензии од Министерството за транспорт и врски, убиениот мораториум од Уставен суд, отворените и заборавени предмети во ОЈО и што ли уште не“, вели Белчева.
Пред една година и пет месеци жири комисијата составена од 9 члена ги објави резултатите од конкурсот за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката Треска. И покрај тоа Општината и градоначалникот на Центар одбиваат да ги објават проектите и да одржат јавна презентација на проектите. „Но, ваквите идеи од конкурсот инициран од претходниот градоначалник, сегашниот градоначалник кој за себе вели дека е ‘транспарентен’ ги смета за незаконски и неспроведливи. До таа мера што не сака ниту да ги објави проектите наградени од стручната жири комисија и со пари од граѓаните од Центар“, велат од Шанса за Центар.
На фејсбук-профилот на Шанса за Центар пишува дека политичкото раководство на општина Центар одлучи: Дека Центар ќе биде штедна книшка на цела Македонија. Дека во општината повеќе ќе спијат празни станови отколку луѓе. Дека плановите на ВМРО воопшто не биле толку лоши како што порано тврдеа. Дека може и Устав да се смени ама не и ДУП.
Дека неколку газди имаат повеќе право да бетонираат и профитираат отколку луѓето да имаат пристојни услови за поквалитетен живот. Дека зеленилото треба да се бара на планина, а не и во градот. Дека згради како „наполитанки“ се подобри од квалитетно урбано планирање. Дека сообраќаен хаос е иднината. Дека одлуките на претходниците се “тоалетна хартија“. Дека не постои јавен интерес, туку само приватен. Дека јавни услуги и јавен простор треба да има само ако некој донира.
По дооформувањето на парцелите градежни фирми се на чекор од добивање одобрение за градба, а со тоа да почне бетонизацијата на последното слободно парче во центарот на Скопје.
A.Д.
Еве дел од проектите што не се објавуваат: