Градоначалникот на Карпош Јакимовски изјави дека по неговата критика на сметка на Градот и комуналното претпријатие, наместо да се подобри контролата и организацијата на „неколкуте“ работници, биле испрати четворица комунални инспектори кои ѝ забраниле на службата за одржување на хигиена на Општината да го фрла сметот во нивните контејнери.
Градските комунални работници за работата за која се ангажирани земаат народни пари, вели Јакимовски и револтирано забележува дека наместо Градот да ја провери нивната работа и да ги подобри услугите, во Карпош испраќа инспектори кои наложуваат сметот и хартијата да не се фрлаат во нивни контејнери. Иако, нагласува градоначалникот, вработените на општината за одржување на хигиената, всушност, му помагаат на Градот.
Јакимовски притоа нагласи дека Карпош е најредовен и најдобар плаќач на услугите на „Комунална хигиена“ со своите 24 илјади домаќинства.
„Нашата работа никој не ја работи, но во исто време немам намера да ја работам нивната работа. Секој за тоа за што зема народни пари треба да си ја работи својата работа. И наместо да се засрамат и да ја подобрат организацијата и контролата на работата тие се служат со срамни работи.
Со ова јасно покажуваат како сакаат да практикуваат власт овде во Општина Карпош, но морам да ги предупредам дека ќе наидат на сериозен отпор“, ѝ порача градоначалникот Стевчо Јакимовски на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
Недоразбирањата меѓу Карпош и Град Скопје на површината избија пред Нова година кога Јакимовски се пожали дека за проблемите од овој тип не може да разговара со градоначалничката на Скопје Арсовска која „со денови не му крева телефон“.
Стевчо Јакимовски на локалните избори минатата година се кандидираше без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, коалициски партнер на неговата партија Гром, додека пак ВМРО-ДПМНЕ застана зад кандидатурата на независниот кандидат за Скопје Данела Арсовска. На изборите Јакимовски во првиот круг освои повеќе гласови од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а во вториот круг го порази кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Зафировски и по четврти пат стана градоначалник на Карпош. Јакимовски бил и министер за економија и минстер за труд и социјална политика.
П.Џ.






