Според неа, законот е јасен и отпадот е локална надлежност, што значи дека градоначалниците се директно одговорни за управувањето со комунален и комерцијален отпад, одржувањето на јавната чистота, донесувањето мерки за селекција и транспорт на отпадот, како и за реализација на проекти за подобрување на состојбата со отпадот.
„ВМРО-ДПМНЕ четири години ја игнорираа својата обврска да го решат овој проблем. Орце Ѓоргиевски или не го има прочитано законот за управување со отпад, или свесно го игнорира за да ја префрли вината. Тоа само покажува колку е неук, а сака да раководи со Скопје“, рече Шукова.
Таа потсети дека Вардариште денес претставува „црна еколошка дупка“ – наместо претоварна станица, таму има отворена депонија со чести пожари, што според неа е директен резултат на неспособноста на градската администрација предводена од Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.
Шукова најави конкретен план за решавање на проблемот: итно оградување и 24-часовен надзор на просторот, расчистување и забрана за пристап, а потоа изградба на затворена, еколошка претоварна станица со систем за селекција и транспарентна контрола.
„Граѓаните ќе имаат функционална и безбедна локација, а не еко-бомба под прозорите“, порача таа и го повика Орце Ѓоргиевски на јавен дуел пред скопјани, каде што, како што рече, ќе се види кој нуди вистински решенија, а кој празни ветувања и пропаганда.






