Утре во Скопје ќе се вози 89-та Критична маса во знак на протест против пасивниот однос на локалната влас за преземање мерки за унапредување на очајната безбедност на улиците во главниот град.
Пред повеќе од 20 дена На точак испрати барање до сите градоначалници во Скопје, како и до градоначалничката на главниот град, да споделат информација за тоа што планираат да преземат за подобрување на безбедноста во сообраќајот, потсетувајќи дека најголемите промени кои би имале најголем ефект лежат токму во нивни раце и се во рамки на нивната надлежност. Барањето следуваше после низата на трагични сообраќајни судири кои резултираа со неколку човечки жртви во само еден месец. Пешачките премини, местата кои теоретски се за предност на пешаците, станаа симбол на повреди и смрт. Притоа, иницијативата предложи донесување на конкретни мерки со кои може веднаш да се делува, а се однесуваат на намалување на брзината на моторниот сообраќај, преку подобрувања на дизајнот на сообраќајната инфрастуктура или ограничување на брзината со прогласување на зона 30. Ниту една општина не одговори.
На точак прашува: колку жртви се доволно? Уште колку жртви треба да видиме на улиците и пешачките премини за локалната власт да се освести дека потребни се итни мерки и дека не постои ништо поважно од човечкиот живот, а најмалку тоа е брзината на возење автомобил. Концептот „визија нула” подразбира дека дури и само една жртва во сообраќај е премногу и треба да вклучи аларм, а оние држави во Европа кои се стремат кон него покажаа дека нула жртви во сообраќај е возможен и реален концепт, се вели во соопштението на На точак.







