„Јануари 2022 ќе биде запеметен како црн месец во кој во неколку трагични сообраќајни судири на булеварите згаснаа неколку човечки животи и други жртви останаа со трауми кои ќе ги носат цел живот и ја разбрануваа свеста, но и гневот на јавноста за небезбедно дизајнираните улици и сообраќајни решенија во кои на најголем удар се изложени токму најранливите учесници, пешаците и велосипедистите, кои во пракса, би требало да бидат најзаштитени. Општините мораат да преземат одговорност за ваквите случувања и во рамки на нивните големи надлежности да донесат итни мерки во превенирање на идни сообраќајни судири, но и да се фокусираат на долгорочни системски решенија во насока на трајно решавање на безбедноста на пешаците и велосипедистите.

Општините и Градот Скопје самостојно во рамки на законите, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење. Безбедноста во сообраќајот, заштита на животната средина, намалување на бучавата, превентивни активности за унапредување на здравјето се она што е јавен интерес и што треба да е видливо во сите урбанистички планови, сообраќајни проекти, инспекциски активности, кои се во надлежност на општините.

За жал, безбедноста како цел досега не е доволно третирана во тие документи и активности, за да ги стави животите и безбедноста на граѓаните како приоритет. Затоа бараме информација кој начин општините планираат да преземат мерки за да ја подобрат безбедноста на СИТЕ учесници во сообраќајот, со акцент на пешаците и велосипедистите и дали нивните заложби ги опфаќаат следниве мерки:
– Ослободување, уредување и проширување на тротоари и воведување пешачки зони – правото на слободно движење треба да биде гарантирано на сите. Но нефункционални и узурпирани тротоари доведуваат до принудно движење на ранливите учесници во сообраќајот по коловоз што ја загрозува безбедноста на сите;
– Воведување велосипедски патеки/ленти – не само добивање простор за велосипедски сообраќај, туку и смирување на брзините на возилата, скратени премини преку коловоз за пешаците итн., докажано влијае на безбедноста на сите, не само на велосипедистите;
– Воведување на Зона 30, Зона 20 и физичко смирување на сообраќајот преку стеснување на ленти за автомобили, подигнати пешачки премини, шикани-искривувања на коловозот, микро-кружни текови и слично.

Спротивно на популарното мислење дека едукацијата е врвот во превентивата. Iстражувањата покажуваат дека состојбата на терен е најдобрата превентива. Иако теоријата (едукацијата) кажува дека пешаците имаат предност, кога општините ги третираат пешаците за најмалку важни при планирањето на улиците, тоа се рефлектира и во перцепцијата и третманот и на возачите и со тоа безбедносниот систем е нарушен. Состојбата и дизајнот на нашите улици праќа многу поголема порака од било какво убаво срочено правило и за жал, изминатиов месец тоа беше видливо на дело повеќе од кога било. По пример на најразвиените земји, безбедноста на учесниците во сообраќајот треба да биде секогаш фокус на дизајнот на улиците и подобрувањето на уличната околина, а не да ја зема брзината или бесплатното бесправно паркирање во фокус.

Mора да се случат радикални промени бидејќи испратени се премногу предупредувања платени со човечки животи. Иницијативата бара увид и учество со конструктивна критика во плановите за подобрување на сообраќајната безбедност и информира дека остро ќе го критикува секој обид за автоцентрична реконструкција или проширување на сообраќајница, но исто така и пасивниот однос на општините доколку не ја искористат нивната моќ и задржат статус кво околу ова болно прашање.

Иницијативата истовремено ги повикува сите граѓани кои сакаат да придонесат кон подобрување на нивната безбедност, да испратат лично дописи до нивните општини, градоначалниците и советниците, да споделат критични точки каде сметаат дека безбедноста е нарушена и самите да побараат од избраниците конкретни, видливи заложби во поставување на човечките животи како приоритет и гарантирање на нивната безбедност“, се вели во барањата на неформалното здружение за урбан велосипедизам На точак.






