Градоначалникот Стефковски на својата
официјална страница на фејсбук напиша дека Општина Гази Баба лани на 19 мај имала склучено два договори за оддржување на уличното осветлување и еден договор за изградба на нови линии во висина од 11 милиони денари.
„Точно е дека економскиот оператор со кој општината ги склучила договорите на 30 август 2021 година, 103 дена по склучување на истите доставил известување дека средствата во висина од 11 милиони денари по сите три склучени договори се реализирани.
Нејасно е како за само 103 дена се потрошени 11 милиони денари. За таа цел на 5 јануари годинава формирав комисија која ќе спроведе теренска ревизија, односно ќе направи споредба на фактичката состојба на терен и работите фактурирани до општината. Постапката е во тек и веднаш по добивање на извештајот истиот ќе го ставам на увид на јавноста.
Граѓаните имаат право да ја знаат вистината бидејќи парите во буџетот на општината се пари на граѓаните”, напиша Стефковски.
За ова денеска конференција за медиумите имаше и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски кој рече дека согласно трите договори за јавна набавка, со кои за само 103 дена се исцрпени 11 милиони денари, дневно додека траела реализацијата, се трошеле 106.796 денари, што практично е неизводливо.
Ако некој сакал да „испумпува пари” немало во касата на општина Гази Баба да остави цели 3 милиони евра и ниту денар долг, реагира поранешниот градоначалник на Гази Баба Борис Георгиевски.
„Новиот градоначалник на Гази Баба да не чека ниту минута и веднаш да формира комисија која на терен ќе изврши надзор за реализацијата на оваа тендерска постапка. Комисијата врз основа на документацијата лесно може да утврди кога и каде се поставени новите улични линии.
Најодговорно тврдам дека сите предвидени активности со посочената постапка се уредно извршени за што постојат и соодветни налози. Мојата работа во општината Гази Баба изминатите четири години ја водев домаќински, оставајќи на новиот градоначалник три милиони евра полна каса и уште поважно ниту денар долг.
Оставајќи општина со започнати проекти за водовод, канализација, нови училишта, сали и детски градинки кои само треба да бидат продолжени”, реагира Георгиевски.
Тој побара јавно извинување од портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димче Арсовски или во спротивно најави дека ќе поднесе тужба за клевета.