недела, 22 декември 2024
Соња Стојадиновиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

ЕУ и САД наспроти Кина

Разумните политичари, без разлика колку малку ги има на двете страни од Атлантикот, треба да станат се посилни во притисоците врз вжештените глави и лидерите на воените индустрии - во намерата да се соработува со Кина, а не да се води војна со неа. Политичката униполарност одамна е мртва, само тоа нема кој да му го објасни на Вашингтон.

Растот на Кина во последните десет години, се повеќе ги плаши западно-европските земји, заедно со воено-индустрискиот мастодонт – САД. Земја со скоро милијарда и половина жители, која со инвестициско-инфраструктурниот проект „Појас и пат“ за само една деценија се прошири низ цела Азија и Европа, секако дека претставува закана за униполарниот западен свет.

Стравот е разбирлив, земајќи го предвид фактот дека Кина преку своите инвестиции во инфраструктурата, комуникациските технологии и енергетиката, се рашири во Африка и стигна до Јужна Америка. За негативната и заканувачка реторика од САД и ЕУ, дополнително придонесуваат две нешта: целиот свет зависи од ретките минерални суровини кои Кина ги обработува и раширеноста на кинеските електрични возила, кои ги достигнаа и надминаа светските стандарди на безбедност и се’ повеќе се шират на западните пазари.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, во текот на кампањата, а и потоа, се погласно го најавува зголемувањето на царините за увоз на производи од Кина, правдајќи се дека со тоа ќе ја заштити американската економија. Покрај огромниот увоз на електроника (чипови, телефони, батерии, компоненти за батерии за телефони и автомобили), од Кина Американците увезуваат и пластика, играчки, спортска опрема, индустриски машини, мебел… Кинеската компанија за автомобили BYD неколку години соработуваше со американскиот Епл (Apple), на нови батерии за автомобили.

Соработката помеѓу Кина и САД не се сведува само на увоз-извоз однос, туку и на размена на технологии. Западните медиуми и политичари знаат добро да ги сокријат овие соработки, кога работите не одат во нивен интерес и да ги претстават како украдена технологија од страна на Кина.

Најпознатите американски компании кои се присутни на кинескиот пазар се: Apple, General Motors, Tesla, Ford, Starbucks, Boeing, Microsoft, Coca-Cola, Nike… Најпознати европски компании кои се присутни во Кина се BMW, BASF, Mercedes, CrystecPharma, AXA… Раширеното присуство на германскиот бренд за автомобили BMW во Кина, го објаснува противењето на германските производители на автомобили на одлуката на Европската комисија да ги зголеми а 45% царините за увоз на електрични возила од Кина во ЕУ. BMW се противеше со објаснување дека со истото ќе се соочат тие во Кина. Одговорот на Кина беше наметнување на 39% на царина за европски производи.

Дополнителните факти кои одат во прилог на растечката доминација на Кина од која ЕУ и САД се плашат, се дека Кина веќе не увезува „мозоци“ и технологии, туку истите ги извезува.

Од отворањето на Кина кон светот во 1980-тите години до-сега, Кина увезуваше технологија и знаења, за да стаса до степен кога во многу свои производи и технологии, ги надмина западните конкуренти.

Кинеските универзитети во СТЕМ науките (science, technology, engineering and mathematics) произвеле 3,57 милиони дипломци во 2020 година, додека кинеските универзитети доминираат во областите на металургија и рударство и се на првите 6 места на светската Шангајска листа на универзитети. Пред помалку од една недела, во прoвинцијата Хунан, кинеските рударски компании пронајдоа 40 златни жици во вредност од над 80 милијарди американски долари.

Ако го додадеме веќе познатиот факт дека Кина во ископување на ретки минерални суровини на светскиот пазар има учество од 60%, а во преработка на истите, нејзиното учество е над 90%, јасни се причините за силната антикинеска реторика која ја слушаме од западните медиуми и политичари.

Антикинеска хистерија за замајување на јавноста

Економската зависност на западните земји од кинеските производи и кинескиот пазар, е дел од стравот кој ја поткопува длабоката убеденост на САД и ЕУ дека се први економии во светот и дека само тие имаат демократски уредени држави, додека сите останати кои не ги следат и поддржуваат нивните надворешни интереси, се недемократски земји и треба да им се „воведе“ демократија по западен модел.

Со воспоставувањето на билатерални односи на САД со Кина за време на американскиот претседател Ричард Никсон, САД ја призна политиката на „Eдна Кина“ која го вклучувала Тајван. Надворешната политика на САД, слепо поддржана од ЕУ – дека Тајван треба да се отцепи целосно од Кина, не му прави услуга на Тајван, туку го загрозува.

Мешањето на САД во политичките интереси на Кина е со цел да ја поткопа и да ја ослаби воено и економски и со тоа да ја задржи својата глобална доминација. Со вооружувањето на Тајван, најмногу профитира американската воена индустрија и, за жал, огромен дел од американската економија се базира на таа индустрија. САД се ставија во позиција на држава на која нон-стоп и’ требаат војни во светот кои таа ќе ги предизвикува и во кои ќе учествува директно или индиректно (случајот со Украина), за да може да има продажба на свое оружје, а со тоа да ја издржува својата економија.

Професорот Џефри Сакс од Колумбија Универзитетот во САД предупредува дека стравот на САД од Кина доаѓа од самиот брз развој на Кина која до Втората светска војна била „колонија“ на неколку европски земји, a во текот на Втората светска војна, била окупирана од Јапонија.

Кина не ја користи американската реторика за заплашување дека западните земји и САД и’ се закана, како што тоа го прават САД со ширењето на антикинеска хистерија. Кина е фокусирана на развој на својата економија и соработка со сите земји во светот, смета Сакс. Тој советува САД да соработуваат со Кина, посебно во делот на напредните технологии, на обновливата енергија и роботиката, а не да наметнуваат високи царини на кинеските производи, како што тоа го направија администрацијата на бившиот (а сега пак новиот претседател) Трамп, додека администрацијата на Бајден не се потруди да ги повлече царините, прекршувајќи ги правилата на Светската трговска организација (WTO).

Војна со Кина и крај на човештвото

Додека САД се повеќе истакнуваат дека Кина ги загрозува економски и воено, не смее да се пропушти фактот дека САД има 313 воени бази во близина на источна Азија, почнувајќи од Малезија до Јапонија, додека низ светот имаат 750 воени бази. Тоа значи дека во било кое време, САД може да го бомбардира Пекинг и да нанесе значителна воена штета на кинеската војска.

Од друга страна, Кина надвор од своја територија има само една воена база и таа се наоѓа во Џибути. Со ваква воена позиционираност, не може многу да се зборува дека Кина воено ги загрозува САД. Медиумите и политичарите во САД, посебно во Конгресот, зборуваат за подготовка за војна со Кина до 2027 година, а забораваат дека Кина има нуклеарно оружје кое нема да го чува во хангарите ако биде нападната од САД.

Разумните политичари, без разлика колку малку ги има на двете страни од Атлантикот, треба да станат се посилни во притисоците врз вжештените глави и лидерите на воените индустрии – во намерата да се соработува со Кина, а не да се води војна со неа. Политичката униполарност одамна е мртва, само тоа нема кој да му го објасни на Вашингтон.

Соња Стојадиновиќ

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Данијела Зорчец

Справување со булингот кај децата со тешкотии во развојот

Бернд Ригерт

Западен Балкан остана без конкретни ветувања од ЕУ

Димитар Љоровски Вамваковски

Непозната историја

Чарлс Купчан Синан Улген

Обновата на Сирија по падот на Асад

Мурат Алиу

Македонија меѓу идентитетот и опстанокот

Ристо Цицонков

Топлински пумпи – развој и разни можности за греење на просториите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ