Националната проект-координаторка од канцеларијата на ПОП-с од Министерството за животна средина и просторно планирање Сузана Андонова инфорираше дека покрај линданот на неколку точки се пронајдени и количини на жива.
„Направивме земање на примероци и резултатите покажаа дека има присуство на жива. Концентрациите се различни, меѓутоа ние водиме сметка тоа што е пронајдено како концентрација да е во согласност со критериумите и барањата на капацитетите кои ќе го примат отпадот на уништување или третирање. Секако ќе се поведе сметка и за тоа, на најсоодветен начин, по сите можни стандарди, ќе се најде начин да се елиминира и овој вид вид на отпад“, истакна Андонова.
На 3 мај ќе почне првиот извоз на отпад во Франција каде соодветно ќе биде третиран. Концентрациите на загадувачки материи во текот на чистењето не се повисоки од оние концентрации кои што беа измерени пред да почне чистењето, информираат одговорните.
Владата формираше мултипартнерски фонд за мобилизирање на средства за продолжување на чистењето на големата депонија.
Министерот за животна средина и просторни планирање Насер Нуредини истакна дека работата оди побрзо од што очекувале и оти тоа е добра вест.
„Во тек се и измените на Закон за животна средина, а тоа значи дека сега ние продолжуваме, ние ја обврзуваме државата да ги верифицира сите жешки точки во нашата држава и после тоа да направиме план за рехабилитација. Ние имаме методологија за тоа, но сега за жал, немаме законски начин како да ги верифицираме тие жешки точки во нашата држава. Тоа значи дека ние ќе ја обврземе државата или тие приватни сопственици да направат план за рехабилитација за тие жешки точки“, нагласи Нуредини.






