понеделник, 8 декември 2025

Град Скопје конечно ќе добие прочистителна станица, ќе бидат опфатени 90% од отпадните води во градот

Објавено на

часот

Сподели

Денеска беа отворени тендерските понуди за дизајн и изградба на оваа пречистителна станица. На отворањето присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на ЈП Водовод и канализација, Златко Перински и претставници на Европската делегација, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициона банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) – ИФИ Канцеларијата за координација (IFICO).

Арсовска рече дека изградбата на оваа пречистителна станица е најголем еколошко-капитален проект за Скопје и скопјани, додавајќи дека на овој начин конечно ќе се овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите.

„Со изградба на оваа пречистителната станица за третман на отпадни води, Скопје конечно има можност да се развива во еколошка метропола која се грижи за животната средина и се грижи за скопјани. Ако до сега отпадните води одеа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ја животната средина и јавното здравје, сега конечно ќе имаме можност активно да делуваме, да ги менуваме работите и да ставиме крај на загадувањето на реката Вардар, на градот, но пред се, дa обезбедиме подобра вода за пиење на населението и да го подобриме квалитетот на живот на скопјани“, рече Арсовска.

Претставникот на ЕИБ, Алесандро Брагонзи, рече дека овој проект е од огромно значење за жителите и за градот Скопје и дека со финализација на овој проект ќе се реши проблемот со отпадните води, ќе се зачува животната средина и граѓаните на Скопје ќе имаат почиста вода.

Перински рече дека со овој проект градот ќе има над 90% прочистени води.

„Иницијативата за ваков тип на проект со кој што конечно ќе се воведе еколошки систем за прочистување на водите во Скопје е уште од 2007 година, повторно актуелизирајќи го ова прашање во април 2017 година, со изработка на Студија за финансирање, градење и работење постројка за третман на отпадни води за главниот град Скопје – Уникатен документ Студија за изводливост, како надградба на претходната Физибилити студија. По долг процес на консултации, изработка на техничка документација и активен ангажман на цел тим професионални во оваа област, денеска можеме конечно да најавиме дека сме во фаза пред отпочнување на изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Со овој проект инвестираме во Скопје, за нашите сограѓани, но креираме и подобра иднина за идните генерации“, истакна Перински.

Пречистителната станица за отпадни води – Скопје ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево и ќе биде со капацитет од еквивалент 500.000 жители.

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ