Во соопштението се вели дека е извршен инспекциски надзор на три автобуси и две комбиња, при што е утврдено дека комбе со назив на фирмата “Ројал Травел ДООЕЛ” вршело превоз на патници од и кон Скопје како и екскурзии, без притоа да има лиценца за туристичка агенција и превоз на патници. Фирмата исто така нема лиценца за организирање на екскурзии со туристички водич од Министерството за економија, што е задолжително согласно законот за туристичка дејност, а не поседува ни дозвола од Министерството за транспорт и врски.
Фирмата “Ројал Травел ДООЕЛ” под која што е регистрирано комбето е основана на 28 декември 2021 година, а според информациите кои беа пласирани во медиумите деновиве, станува збор за лица и возила поврзани со “Беса Транс”, на која фирма ѝ беа одземени лиценцата за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници и лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници од страна на Министерството за транспорт и врски, откако претходно беа констатирани нерегуларности во работењето, неспроведување на законите и законските обврски коишто таа како фирма е должна да ги почитува.
Градот Скопје нагласува дека континуирано спроведува теренски контроли, со цел законите кои што се пропишани за оваа дејност да бидат почитувани и имплементирани во секојдневното функционирање на фирмите кои што работат со јавен превоз, а со тоа и да се овозможи квалитетно и одговорно вршење на дејноста од страна на превозниците и заштита на безбедноста на граѓаните. Соодветни пријави ќе бидат поднесени до надлежните институции за постапување.






