Градоначалничката рече дека се назначени одговорни лица кои секторски даваат одговори поврзани со барањата на граѓаните, а воедно дека е екипирана служба за брза реакција составена од претставници од сите јавни претпријатија во надлежност на Градот кои делуваат со цел брзо и ефикасно решавање на барањата.
„Град Скопје стави во функција и електронска адресата за комуникација со граѓаните [email protected] како чекор кон транспарентно управување со цел 24 часа постапување во служба на граѓаните. На оваа електронска адреса граѓаните пријавуваат проблеми, а службите во Градот се задолжени да одговорат на барањата на граѓаните. Град Скопје цели да биде град со целосно дигитализирана администрација, а јавните услуги да бидат брзи, ефикасни и транспарентни. Ветивме и остваривме телефонска линија за да можат граѓаните да се обратат преку бројот 02 3207 536“, рече Арсовска.

Најголемиот дел од барањата на граѓаните, како што објасни, се однесуваат за сообраќајни проблеми, прашања од областа на пресметката и наплатата на даноците на имот, за незаконски градби и комунални проблеми и оцени дека се враќа довербата на граѓаните кон Градот.
Данела Арсовска повтори дека се исчистени 120 депонии, рече дека повеќе нема „заборавени населби“ и нагласи дека за прв пат во Град Скопје се покренува постапка за ветинг на директорите и раководителите, за нулта толеранција на корупција со системски мерки за елиминирање на можностите за корупција и за спречување на судир на интереси.






