На настанот, пред палењето на светилките на елката кое копче симболично го притисна градоначлникот Орце Ѓорѓиевски, настапи хор составен од десетици деца од скопските училишта со изведба на празнични песни, а публиката уживаше и во балетска претстава.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска пак порача дека целта е главниот град да се позиционира како современа европска метропола со континуирана и разновидна празнична содржина за сите генерации.

Програмата предвидува секојдневни музички настапи, диџеј сетови и уметнички изведби, а викендите ќе бидат посветени на најмладите со креативни работилници и анимации.

Централниот дел од програмата започнува на 27 декември со настапи, забави и награди во соработка со Државната лотарија на Македонија. Новогодишната ноќ ќе биде одбележана со концерти на македонски изведувачи, меѓу кои Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Куку Леле и 2 Бона.

Трошокот за украсување на градот изнесува помалку од 70.000 евра, а програмата е наменета за сите граѓани без разлика на вера и нација, нагласи Ѓорѓиевски.






