Во гаснењето се вклучени голем број екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, хеликоптер на МВР, исто така е ангажиран еден ер трактор за дополнителна помош од воздух.
„На лице место, каде што избувна пожарот во населба Трубарево, општина Гази Баба, моментално се наоѓам и ја следам состојбата. Во текот на денот, во 13:38 часот, преку единствениот број за итни повици 112 беше пријавен пожар во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти. Веднаш воспоставив координација со Центарот за управување со кризи и ги информирав надлежните служби за состојбата на терен, добивајќи насоки за понатамошни дејствија. Од страна на операторот ЕВН беше побарано итно исклучување на електричната енергија, со цел да се овозможи безбедно гаснење на пожарот, вклучително и со употреба на воздухопловни средства“, вели во изјавата до медиумите директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.
На терен се ангажирани шест противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, со повеќе од десет пожарникари, како и неколку специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување.
Дополнително, во гаснењето учествуваат еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, еден хеликоптер на Армијата, како и еден ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен се испратени и екипи на итната медицинска помош.






