понеделник, 15 декември 2025

Скопјани да користат вода само по потреба не повеќе од 80 литри по жител дневно, предлага О2 Иницијативата

Состојбата со недостаток на вода во Скопје и другите градови во Македонија продолжува да се влошува, а без преземање на сериозни мерки, ситуацијата ќе стане уште полоша. Според извештаите на ЈП Водовод и канализација-Скопје, во 2024 година, 40 отсто од вкупното производство на вода истекува од цевките и се краде преку диви приклучоци. На Железарскиот цевковод се губат 30 отсто од целокупната вода, која се користи не само за индустријата туку и за населбите како Бардовци, Визбегово и Шуто Оризари, предупредуваат од О2 Иницијативата кои на последната седница на Советот на Град Скопје предложи неколку мерки за справување со недостигот од вода.

 

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Од Иницијативата велат дека потрошувачката на вода во Скопје моментално изнесува 350.000 метри кубни (м3) на ден, што е без преседан во изминатите години.

„Скопје троши неверојатни 4.000 литри во секунда, додека максималните капацитети од дотокот од Рашче и системот Лепенец-Нерези не можат да ја задоволат оваа потреба. Ако се продолжи со интензивно користење на изворите, тие би можеле трајно да се изгубат.

Потребни се итни мерки, вклучувајќи изградба на нови пумпни станици, примарна мрежа и резервоари и обезбедување алтернативни извори на вода за Скопје, како Врело или Патишка река“, велат од О2 Иницијативата.

Покрај тоа, од Иницијативата предлагаат и забрани за користење на питка вода во индустријата, како и за миење на возила. Поливањето на зеленилото и миењето на улиците, велат оттаму, исто така треба да се врши со техничка вода.

„За време на сушните периоди, потребни се дополнителни забрани за полнење на приватни базени и миење на дворови. Ограничувањето на полевањето на градините на секој втор ден, воведување прогресивно наплаќање на водата, и високи парични казни за диви приклучоци се предлози кои можат да помогнат. Лимитирање на 50-80 литри вода дневно по жител, по потреба. Овој проблем е од витално значење и треба да биде приоритет во секоја кампања за локалните избори, а не само пусто ветување. Обврските за изградба на одржлив и безбеден систем за водоснабдување мора да бидат во фокусот на вниманието“, велат од О2 Иницијативата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ