петок, 20 март 2026

ЦГК: Скап советнички тим за автопатите: 13 надворешни соработници чинат како 92 плати од Буџетот

Ангажманот на 13 надворешни експерти за изградба на коридорите 8 и 10-д уште еднаш го отвори прашањето за тоа како државата ги троши средствата за инфраструктура. Годишниот трошок за овие експерти е еднаков на плати за 92 вработени, покажуваат резултатите од најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Објавено на

часот

Сподели

Надворешни наместо институционални капацитети. Наместо да инвестира во сопствен кадар, државата се потпира на скапи надворешни услуги, покажуваат резултатите од истражувањето на ЦГК.

И експерти за надзор и експерти за техничка помош

Според истражувањето, трошоците за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д продолжуваат да растат, покрај договорите за изградба и за надзор, во ноември 2025 година е склучен и договор за техничка експертска помош за вработените во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во вредност од 3,8 милиони евра.

„Тендерот за експертска помош е спроведен врз основа на стара проектна програма, изготвена пред почетокот на градежните активности на коридорите и откако веќе биле потрошени 381 милион евра. Договорот следува две години по формирањето на посебната проектна единици за изградба на автопатските делници и откако бројот на вработени во претпријатието се зголемил за 42 отсто, од 352 на 501“, покажуваат резултатите од истражувањето на ЦГК.

Хонорарите на ангажираниот македонско-српски експертски тим се движат меѓу 13.000 и 23.000 евра месечно, по експерт. Сепак, најголем дел од експертите ќе бидат ангажирани по 50 отсто од нивното време, а дел и помалку. Според договорот склучен меѓу ЈПДП и концорциумот САФЕГЕ, за четири години ангажман, тим-лидерот ќе наплати 550.000 евра. Осуммина експерти ќе чинат меѓу 272.000 и 500.000 евра, секој од нив поединечно, додека четворица се со договори со пониска вредност, меѓу 38.000 и 156.000 евра.

„Во тимот на експерти е и лице од проектната единица за имплементација на проекти на Светска банка формирана во Министерство за транспорт. Нејзиниот месечен надоместок во Министерството, според податоците на Отворени финансии, изнесува 1.600 евра бруто (99.000 денари) месечно, а како експерт, ЈПДП ќе ја плаќаат 10 пати повеќе, односно 15.600 евра месечно“, констатирале од ЦГК.

Фирма која едвај ги исполнила условите скоро точно знаела колку да понуди

Во одлуката за оваа јавна набавка на ЈПДП пишува дека станува збор за реализација на најголем стратешки проект во државата и дека ЈПДП има потреба од техничка помош за имплементација на договорот за изградба со изведувачот „Бехтел и Енка“, стратешки партнер, и со стручниот надзор за реализација на проектот.

Од учесниците на тендерот се барало минимален годишен приход од 1.600.000 евра годишно во секоја за последните три години (за 2022, 2023 и 2024 година). Во однос на техничка или професионална способност на економскиот оператор, пак, се барало листа на главни испораки на стоки или извршени услуги со вредности, датуми, купувачи, со обезбедување потврда за извршени испораки или извршени услуги.

Во тендерската постапка е добиена само една понуда, и тоа од фирмата САФЕГЕ Скопје, која немало да ги исполни условите од тендерот ако не се здружела со истоимените фирми од Франција и од Србија.

„Во однос на доставената понуда, значајно е да се нагласи дека ниту еден од понудените експерти не е вработен во САФЕГЕ Скопје, но сите имаат склучено договори за деловнотехничка соработка со скопската фирма. Со оглед на тоа што тендерот се состои од 13 ставки на експерти, навистина е запрепастувачки како вредноста на понудата на единствениот понудувач е речиси идентична со проценета вредност на тендерот која изнесува 236.000.000 денари, а добиената понуда од САФЕГЕ изнесувала 235.955.514 денари, односно само 44.486 денари помалку од проценетата вредност, што е отстапување од само 0,02 отсто“, се наведува во извештајот од истражувањето на ЦГК.

Од ангажираните експерти, шест се од Србија и седум од Македонија. ЈПДП годишно за овие експерти ќе плаќа по 950.000 евра, што е на ниво на просечна плата и надоместоци од нето плата за 92 вработени.

„Имено, просечно месечниот трошок за нето-платите на вработени во Државни патишта изнесува 862 евра месечно. Вака големиот финансиски товар го отвора прашањето дали јавните средства рационално се користат, особено во услови кога бројот на вработени во претпријатието е зголемен за 149 лица. Воедно, хонорарите на новоангажираните експерти се неколкукратно повисоки и од надоместокот што ЈПДП го плаќа за консултантски услуги од професори на Градежниот факултет, околу 1.300 евра бруто месечно“, велат од ЦГК.

Оттаму потенцираат дека имајќи го предвид високиот финансиски товар, ваквиот модел на ангажирање надворешни експерти не може да се смета за вообичаен, економски оправдан или транспарентен, без дополнително образложение и цврсти докази за исклучителна додадена вредност.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ