„Младите се движечка сила на градот. Наша обврска е да создадеме услови каде тие ќе можат да се движат слободно, безбедно и инспирирано. ‘Сјајна патека’ е токму за нив, за иднината што мора да се осветли“, истакна Лабудовиќ.
Во своето обраќање, тој ја потенцираше итната потреба за уредување на пешачките патеки на Водно, со современо и еколошко осветлување, кое ќе го продолжи и зајакне користењето на ова подрачје дури и по зајдисонце.
„Водно не смее да згасне штом зајде сонцето. „Сјајна патека” не е само инфраструктурен проект, туку визија за град што се грижи за младите, за спортистите, за семејствата, за секој граѓанин. Ова е проект со кој покажуваме дека знаеме да слушаме и знаеме да делуваме“, додаде тој.
Лабудовиќ посочи дека недостатокот на осветлување претставува сериозен урбан предизвик кој директно влијае врз безбедноста, достапноста и квалитетот на јавниот простор:
„Луѓето го избегнуваат Водно по мрак. Тоа е изгубена можност за рекреација, за здрава навика, за споделено време со најблиските. Со овој проект сакаме да им го вратиме Водно на граѓаните, осветлено, безбедно и достапно.“
Проектот предвидува инсталирање на енергетски ефикасни, автоматизирани светилки кои се прилагодуваат на природната средина, без да ја нарушат екосистемската рамнотежа на парк-шумата.
На настанот, генералот Котевски ја истакна важноста на проектот како и неговата заложба за создавање безбедни и инспирирани простори за граѓаните, нагласувајќи дека овој проект е симбол на нов, поодговорен пристап кон урбаното планирање и практична грижа за јавниот интерес.
Овој проект е резултат на двете кампањи на движењето ЗНАМ, кој произлезе како директен одговор на идеите, иницијативите и предлозите на граѓаните, особено од младинската иницијатива на ЗНАМ.






