Како што дознаваме, Австралија веќе го одбила барањето за екстрадиција на Стојановски, Но, од Министерството за правда на Македонија велат дека барањето не било одбиено, но „постапката е запрена од надлежните австралиски власти затоа што наближува рокот на застареност и сметаат дека нема да има време да донесат одлука“.
Двегодишното амбасадорување на Перо Стојановски се смета за едно од најскандалозните, неговата работа ја следеа љубовни скандали, насилни влегувања во куќи, неплатени долгови низ Австралија и лажирање на тешка болест.
Стојановски на 17 септември 2015 година беше осуден во отсуство од скопскиот Кривичен суд на 3,5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања и проневера на пари. Според постапката за екстрадиција по барање на Република Македонија, ако екстрадираното лице во странската држава е осудено во отсуство во секој случај кривичната постапка ќе биде повторена. Исто така постапката ќе се повтори ако државата во која се наоѓа лицето бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи право на повторно судење во негово присуство. До такво нешто никогаш и не дојде.
Стојановски никогаш не се врати во Македонија, а во меѓувреме се прежени во Австралија и стана нивен државјанин.
Амбасадорскиот мандат на Стојановски беше преполн со љубовни и финансиски афери во Австралија. Македонското Министерство за надворешни работи најпрво соопшти дека Стојановски е повлечен од амбасадорското место од здравствени причини (2012), а подоцна беше и разрешен.
Освен по своите љубовни афери, Стојановски беше познат меѓу Македонците од Австралија и како амбасадор кој барал пари од бизнисмените за да се лекува од рак, болест која никогаш и ја немал. Откако беше разрешен, во јавноста се појавија неколку поединци, сопственици на фирми кои му позајмиле пари на македонскиот амбасадор за лекување и патувања.
Во случајот со неговата љубовница Лидија Думбалоска и нејзината провала во куќата на Стојановски, амбасадорот тврдеше дека во украдениот лаптоп компјутер има податоци што се државни тајни. Подоцна во австралискиот суд се открило дека во компјутерот имал фотографии од малолетната ќерка на Думбалеска.
МНР за неговата работа спроведе ревизија која регистрира неплатени сметки за телефони, за авионски карти и за хотели, неисплатени плати на вработени, неисполнети ветувања, уништен службен автомобил, амбасадор со две секретарки, украден лаптоп-компјутер, долгови, љубовна афера, ревизија.
Стојановски со неговите скандали беше тема и на австралиската државна телевизија АБЦ.
„Кога Перо Стојановски пристигна во Австралија на местото македонски амбасадор, тој не ни претпостави што го чека тука. Заврши на Врховен суд обвинувајќи ја својата девојка Лидија Думбалоска дека го украла неговиот компјутер. Минатиот месец тужбата на Стојановски пропадна откако беше оспорен неговиот кредибилитет“, се вели во деветминутната емисија емитувана на 19 септември 2013 година. Совршената романса пропадна во декември 2010 година кога Думбалоска влегла во куќата на Стојановски, со клучот кој го поседувала и чекајќи го да дојде го отворила неговиот лаптоп.
„Одеднаш на компјутерот видов шокантни работи. Порнографија и перверзија. Во него имаше 40 или 50 фотографии од мојата ќерка, и само една моја фотографија“, изјави за телевизијата поранешната девојка на Стојановски.
Таа го зела лаптопот, а по неколку дена полицијата дошла кај неа по пријава на амбасадорот Перо Стојановски. Тој тврдеше дека во него имало доверливи документи, и дека Думбаловска му барала 200.000 евра.
За телевизијата изјави дадоа и македонски бизнисмени од Камбера и Мелбурн.
„Тој со солзи во очите ни рече дека бил смртно болен од рак на простата и ни побара 20.000 долари за итна операција во Франција. Три до четири недели подоцна тој се врати во Канбера и ни кажа дека с ѐ е во ред и дека имал успешна операција. Но, ни кажаа дека амбасадорот во овој ист период бил виден на некои македонски одморалишта. Тоа навистина ме вознемири“. Перо Стојановски е еден голем лажго и веројатно ни тој самиот не може да си помогне, изјави бизнисменот Николовски.
А.Д.






