среда, 14 јануари 2026

Сите се за укинување на техничката влада, само Ахмети бара согласност од ЕУ и САД

Сите парламентарни партии кои присуствуваа на денешната лидерска средба, се согласија дека треба да се укине техничката влада освен ДУИ која смета дека за тоа треба да се прашаат ЕУ и САД.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети по лидерската средба истакна дека тие се една изборна единица со праг од пет проценти и со отворени листи. Во врска со идејата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката влада, тој потенцира дека треба да се консултираат со ЕУ и САД.

„Во однос на прашањето за техничката влада, ние сме на ставот дека треба да се консултираме дополнително со меѓународната заедница, меѓународниот фактор и партнери кои се коавтори на текстот за Пржинска влада – ЕУ и САД“, рече Ахмети.

Во врска со измените во Изборниот законик, Ахмети потенцира дека тие ги презентирале своите предлози.

„Се согласуваме со една изборна единица, со праг од пет проценти и со отворени листи. Сега ова прашање останува за понатамошни дискусии“, рече лидерот на ДУИ.

Околу прашањето за обезбедување двојно мнозинство за избор на Народен правобранител, Ахмети кажа дека побарал дополнителни консултации.

„Не се направени потребните консултации, туку дејствијата биле преземени произволно, а консензуалната демократија има свои правила. Она што останува е координаторите на пратеничките групи да бараат решенија и дополнителни консултации за тоа како може да се реши ова прашање“, нагласи Ахмети.

За законите за „Сејф сити“ за кои потребно е Бадентерово мнозинство и се блокирани од страна на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Ахмети нагласи дека координаторите на пратеничките групи останува да се сретнат и да изнајдат решение.

Во однос на остатокот од прашањата за кои тој планирал да ги покрене денеска, било одлучено Ахмети дополнително да се сретне со Мицкоски.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е за укинување на техничката влада, за измени на Изборниот законик и за една изборна единица, изјави денеска пратеникот на ЗНАМ Бобан Карапејовски по лидерската средба.

Тој истакна дека претстојат важни одлуки во интерес на државата, ваквиот пристап е показател дека институциите и политичките актери се подготвени да ја стават Македонија и граѓаните пред партиските калкулации.

Во однос на т.н. Пржинска влада, тој потенцира дека ставот на ЗНАМ е јасен и таа треба да биде укината.

„Техничката влада беше воведена како привремено решение во специфичен политички контекст и со една јасна цел – обезбедување демократски, фер и слободни избори во време на политичка криза. Таа цел е одамна исполнета и зад нас се неколку успешно спроведени изборни циклуси, вклучително и последните локани избори во 2025 година“, рече Карапејовски.

Тој информира дека Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа во однос на Изборниот законик.

„За нас е прифатливо и потребно ново решение со една изборна единица, што ќе обезбеди поголема еднаквост на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Сметаме дека мора јасно и прецизно да се регулира финансирњето на политичките партии, особено оние што се застапени во Собранието преку пратенички групи за да се обезбеди транспарентност“, рече Карапејовски.

ЗНАМ дава силна поддршка на сите реформски закони, од областа на правосудството, како и сите закони од Реформската агенда и додаде дека реформите се клучни за воспоставување на владеење на правото, создавање правна држава и затоа инсистираат на политички консензус за овие закони.

За народниот правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален кредибилитет, со докажано искуство и експертиза во човековите права. Неговиот избор да се изврши што поскоро и да не се кочи работата на институцијата.

ЗНАМ дава поддршка и на примената на „Безбеден град“ и апелира на негово побрзо усвојување. Го поддржуваат и Законот за прекршоците.

На новинарско прашање зошто претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски не присуствувал на лидерската средба, одговори дека тој претходно имал закажани средби надвор од земјата и оти во тоа нема ништо спектакуларно.

Речиси тричасовната лидерска средба во Клубот на пратениците, иницирана од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, ја оцени како „изненадувачки првпат конструктивна“ посочувајќи дека било начелно договорено до крајот на пролетта, јуни, да се донесе нов Изборен законик иако за економските теми, како минималната плата, рече дека не наишле на разбирање.

„Се дискутираше за модалитетите. Една изборна единица, со или без изборен цензус, отворени или затворени листи. Комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието со некои од министрите во Владата“, појасни Апасиев.

На средбата, посочи тој, било разговарано за укинување на техничката влада во две варијанти – или веднаш или, ако не за следните, тогаш за тие по нив парламентарни избори во зависност од СДСМ.

Последната политичка тема на која било разговарано, како што рече Апасиев, било избор на Народен правобранител, за кој Левицата предлага соломонско решение.

„Да биде избран припадник на ромската заедница бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви лостови на власта, ниту министри ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија, треба да ѝ припадне на ромската заедница“, изјави Апасиев.

Од економските теми, Апасиев рече дека Левица ја наметнала минималната плата, која, како што рече, цениме дека е оправдано барање на работниците и на синдикатите, како и за апанажа и патните трошоци на пратениците и јавните функционери.

„И за овие две теми не наидовме на разбирање иако имаше разни варијанти, кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.

Како прашање што го отворила Левицата, Апасиев рече дека се разговарало за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но за кое, како што нагласи, немало слух.

Прашан зошто не е најдено решение, Апасиев појасни дека имало разни објаснувања, некои биле дека тој бил приватен, не јавен објект, како што е модуларната болница во Тетово, а другите дека веќе има проекти што се доволни за самиот град.

„Ние сметаме дека тоа не е доволно, ќе инсистираме и понатаму. Но, ова е сензитивна тема и затоа не инсистиравме толку на тоа во зависност од условите бидејќи средбата помина навистина, би кажал, во конструктивна атмосфера, што за мене изненадувачки“, изјави Апасиев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ