понеделник, 8 декември 2025

Сите го осудуваат говорот на омраза, ама никој не презема чекори да го сузбие

Државниот врв, локалните власти, партии, спортски федерации, клубови…сите и скоро секогаш го осудуваат говорот на омраза искажан од дел од навивачите на навивачките групи на различни спортски натпревари, ама речи си никој не презема ништо истиот да се сузбие. Ништо поразлично не беше и на последните два натпревари, првиот во Куманово помеѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и Романија и оној во Скопје помеѓу фудбласките клубови Шкендија и Карабах. Иако законските правила се јасни, ниту на натпреварот во Куманово ниту на оној во Скопје, навивачите кои скандираа националистички пароли не беа отстранети од трибините.

Објавено на

часот

Сподели

Завчера вечерта како бомба одекна изјавата на претседателот на Собранието, Африм Гаши дека на натпреварот помеѓу фудбалските клубови Шкендија и Карабах не слушнал дека навивачите на тетовскиот клуб на неколку пати во текот на натпреварот скандираа националистички слогани како што се „Илирида“ и “Голема Албанија“.

„Вечерва Шкендија покажа карактер и достоинство. Им честитам на тимот за борбата и посветеноста што ја покажаа на теренот. Овој тим е одраз на силата и гордоста на нашата нација, затоа сме со нив, и во победата и во поразот. Особено им честитам на навивачите, кои беа подеднакво достоинствен пример за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот. Со самодоверба и оптимизам го очекуваме резултатот од реваншот, убедени дека Шкендија ќе се бори до крај“, напиша претседателот Гаши на неговата официјална фејсбук страница по натпреварот.

Скандирањето во Куаманово им посмета на сите, ама не и она во Скопје

Наспроти ова, од коалицијата Вреди од каде што доаѓа и собранискиот претседател Гаши за МКД.мк велат дека на спортските натпревари нема место за национализам, омраза и ксенофобија.

„Вреди ги охрабрува институциите, спортските клубови и навивачите да покажат зрелост, да ја зајакнат спортската култура, и да одбегнуваат манипулации кои водат кон етнички тензии. Ние веруваме во спортот како мост на заедништво, а не како платформа за поделби. Ги повикуваме сите спортски навивачи да ги поддржуваат своите тимови во согласност со законот и духот на спортот, каде што нема место за национализам, омраза и ксенофобија. Доколку Јавното обвинителство процени дека има законска основа за какво било постапување во врска со синоќешниот настан, нека постапи согласно законот. Ние целосно ја почитуваме улогата на институциите“, велат од коалицијата Вреди за МКД.мк.

Националистичкото скандирање на овој фудбалски натпревар го осуди и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давоква која на официјалниот фејсбук профил меѓу другото напиша дека натпреварот помеѓу Шкендија и карабах покажа дека лекцијата не е научена.

„Сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам на сите ни влеа надеж за цврста решеност за справување со овој неспортски феномен. Просветителски звучеа апелите за ставање крај на националистичките и шовинистички повици од трибините. Но, вчерашните сцени од меѓународниот натпревар Шкендија – Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна. Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам. Само со заедничка доследна и бескомпромисна битка со шовинистичките изблици, без оглед чии се, ќе градиме здраво општество“, напиша Сиљановска Давкова ден после натпреварот.

И Хелсиншкиот комитет за човекови права вчера изрази сериозна загриженост и го осуди „националистичкото и политизирано скандирање“ за време на фудбалскиот натпревар помеѓу Шкендија и Карабах.

„И покрај апелите од јавноста и институциите за фер и спортско навивање, од трибините се слушнаа повици за ‘Голема Албанија’, ‘Чамерија’ и ‘Илирида’ пораки кои се далеку од манифестирање на спортски дух и придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвика и злосторства од омраза. Спортските натпревари мора да бидат место на взаемно почитување, фер игра и градење на соживот. За говорот на омраза и националистичките пораки нема место ниту на трибините, ниту во јавниот дискурс“, реагираа од Хелсиншкиот комитет.

МКД.мк упати барање за став и од Алијанса за Албанците и од ДУИ, но до објавување на овој текст одговор не добивме. Официјална реакција нема ниту од премиерот Христијан Мицкоски.

Случајно или намерно, но националистичкото скандирање на фудбалскиот натпревар помеѓу Шкеднија и Тетово дојде веднаш по натпреварот помеѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и Романија што се одржа на 4 август 2025 година на кој се скнадираа веќе чуени пароли против Албанците.

Во врска со овој натпревар стигнаа реакции од сите партии на Албанците во Македонија како и од државниот врв и пратеници и кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Осуда стигна и од Општина Куманово како и од Кошаркарската федерација на Македонија.

Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари упати остри критики кон премиерот, претставниците на Вреди, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и други функционери.

„Ние, Албанците, бевме проколнати за нашата мајка, семејство, потекло, племе и семе во хор од македонските навивачи! Премиерот молчеше и молчеше… се чинеше како да добива одговор на она што го поттикна пред неколку дена со палење оган меѓу етникумите и користење опасни изрази како „каур“. П.С. Викаа за Чиста Македонија (без Албанци)… Што да кажам?! Ќе изберам молчење како и секогаш, но овој опасен дух за земјата и Регионот што го носи ветерот на Србија, па и подалеку, мора да биде осуден и изгаснат!“ напиша Таравари.

Вицепремиерот и министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити реагираше дека Македонија е заедничка земја за сите и дека спортот треба сите да ги обедини, а не да ги дели.

„Најостро ги осудувам расистичките и антиалбанските скандирања што се слушнаа за време на кошаркарскиот натпревар во Куманово. Навредливите зборови и песни што поттикнуваат омраза немаат место во нашата држава и општество. Тие претставуваат напад врз соживотот и еднаквоста што ја прават Северна Македонија единствена. Спортот треба да нè обединува, а не да нè дели. Фашистичките скандирања не претставуваат никого од нас и не смеат да се повторуваат повторно“ напиша Меџити на фејсбук.

Од Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села по натпреварот во Куманово упатија остри критики против власта.

„Навредувањето на Албанците и говорот на омраза не претставува нарушување на безбедноста, ниту барем нарушување на редот за оваа Влада и овој состав на Министерството за внатрешни работи каде што има заменик-министер Албанец од Вреди. Ова јасно го демонстрира пристапот и менталитетот на оваа влада. Молчењето на присутните службеници за време на овој настан и државните институции е отворена поддршка за говорот на омраза и антиалбанската реторика во државата. Синоќешните повици се синхронизирани со постапките на Владата, со политичката реторика на естаблишментот и конкретните акции за деградација на Албанците во земјата. Ова е исто така доказ дека со некои потчинети Албанци во Владата и со некои шефови кои ја уништуваат секоја вредност на демократијата, во Северна Македонија веќе една година се врати диктатура и моноетничка држава“, реагираа од крилото на Села.

Реагираа и од ДУИ.

„Наместо натпреварот да биде спортска манифестација и единство, тој стана театар на примитивен национализам и колективна омраза, која нема место во општество кое стреми да биде дел од Европската Унија. ‘Добар Албанец е мртов Албанец’, ‘Гасна комора за Албанците, ‘Чиста Македонија’ се повици кои не враќаат во мрачните епохи на европската историја, а кои не можат да се поврзат, не можат да се замолчат и не можат. За нас во ДУИ ова е голем аларм за демократијата, за соживот и за безбедноста на граѓаните во оваа држава. Никој нема право да промовира етничко чистење на стадионите и никој нема право политички да игра со чувствата на народ кој дал извонреден придонес во изградбата на оваа држава“, посочија од ДУИ.

Премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање го осуди ксенофобичното скандирање на натпреварот меѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и Романија во Куманово. Мицкоски рече дека скандирањето било од неколкумина навивачи кои што не наишле на поддршка од страна на останатите присутни во салата.

„Во текот на вчерашниот ден домаќинот, а тоа беше Кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, изјави Мицкоски.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши за скандирањето во Куманово напиша дека кога спортот, кој треба да биде мост на обединување, се претвора во сцена на омраза и поделби, сите треба да застанеме на момент и длабоко да размислиме за тоа што се случува со нашето општество.

„Навредливите извици и говорот на омраза што се слушнаа таа вечер не го претставуваат духот на спортот, ниту духот на нашите граѓани, а пред сè не ги претставуваат вредностите врз кои е изграденa нашата држава. Општество што тежнее да биде дел од европското семејство мора да се гради врз основа на почит, достоинство и еднаквост за сите граѓани. Остро ја осудувам секоја форма на говор на омраза, особено онаа што има цел да раздели луѓе поради нивната етничка или национална припадност. Република Северна Македонија е мултиетничко општество и Албанците се државотворен народ.  Ги повикувам сите институции, сите политички партии, сите граѓани, да застанеме заедно против омразата. Да се издигнеме заедно за поправедна, почесна и пообединета иднина. Тоа треба да биде нашиот пат. Тоа е наша должност“, напиша Гаши.

Скандирањето на натпреварот во Куманово го осуди и претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Законите се јасни, надлежните без резултати против говорот на омраза

Ова не е прв пат навивачите од навивачката група Балисти да употребуваат говор на омраза. Во средината на јули, на мечот меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, фудбалерот Арманд Оте беше навредуван врз расна основа. Неколку неколку месеци претходно пак, за време на едноминутниот молк на натпреварот против Брера, а во чест на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани, навивачите на Шкендија упатуваа свирежи и скандираа за УЧК.

Во врска со овој натпревар, Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител.

„Имено, доставено е писмено известување до Обвинителството врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за било какви утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, за што јавноста благовремено ќе биде информирана“, соопштија од МВР.

Истото соопштение пристигна и од Јавното обвинителството.

МВР уште објави дека уапсило навивач на Шкендија, поради истакнување на симбол со што предизвикувал национална, верска, расна омраза и нетрпеливост. Инцидентот се случил пред натпреварот меѓу Шкендија и Карабах, на кој и покрај бројните апели за спортско навивање можеа да се слушнат националистички скандирања на трибините на стадионот во Скопје.

„На 05.08.2025 во 19:45 часот на булeвар Илинден на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.М.(37) од Сојузна Република Германија поради сомнение за сторено кривично дело по член 319 од Кривичниот законик. На мотоциклот со тетовски регистарски ознаки, кој го управувал, имал истакнато симбол што предизвикува национална верска и расна омраза и нетрпеливост. Известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираше МВР.

Во врска со натпреварот во Куманово обвинителството отвори истрага за говор на омраза.

„Основното јавно обвинителство Куманово постапува и до СВР Куманово издаде повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеа говор на омраза од засега непознати лица на вчерашниот кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Издадена е наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители“, соопшти Обвинителството.

И МВР изврши неколку службени разговори со осомничени навивачи.

„Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 2.08.2025 година во Спортската палата во Куманово, неколку осомничени лица веќе се повикани во Полициската управа Куманово и е извршен службен разговор, додека по анализите спроведени во координација со Јавното обвинителство Куманово, против вклучените лица ќе бидат преземени конкретни законски мерки, вклучително и кривично гонење. Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Куманово го лишија од слобода С.М. од Куманово, за кого постои сомнение дека се обидел да донесе транспарент со навредлива содржина за време на паузата од кошаркарски натпревар. Откако ќе се расчисти целосно случајот, против него ќе биде поднесена соодветна тужба“, информираа од МВР.

Во меѓувреме, Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) исто така остро го осуди инцидентот со навредливи скандирања за време на натпреварот меѓу Македонија и Романија што се одржа во саботата во Куманово. Дополнително, Федерацијата информираше дека инцидентот е предмет на нејзина истрага.

„Во оваа фаза, собираме релевантни извештаи и изјави во тесна соработка со вклучените национални федерации, како и со локалните власти и агенциите за спроведување на законот“, соопшти ФИБА, додавајќи дека безрезервно и силно го осудува говорот на омраза и дискриминаторски или расистички јазик во која било форма.

Според Кривичниот законик предизвикувањето на национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост се казнува со казна затвор од една до десет години.

„Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките или верските симболи, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг начин ќе предизвика или ќе разгори национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост, ќе се казни со затвор од една до пет години. Тој што делото од став 1 го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години“, пишува во Кривичниот законик.

Несоодветното однесување на спортските натпревари се санкционира и според Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

Според овој закон под насилство и недостојно однесување на спортските натпревари се смета меѓу другото се подразбира и внесување и истакнување на транспаренти, знамиња и други предмети со текст, слика, знак или други обележја, како и пеење на песни или дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врзоснова на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини.

За да се спречат ваквите инциденти законот предвидува низа мерки.

„Со цел за превентивно дејствување и намалување на ризикот од појавување на насилство и недостојно однесување на спортските натпревари, организаторот е должен да обезбеди примерно однесување на својот клуб и неговите навивачи, да ги информира соодветно своите навивачи (преку состаноци, издавање на билтени и друго). Организаторот на спортските натпревари е должен да основа редарска служба која ќе ги врши работите на физичко обезбедување и одржување на редот на спортскиот натпревар. Редарската служба е должна да оневозможи внесување во спортскиот објект предмети кои можат да се употребат за насилно однесување, или транспаренти и обележја со кои се потикнува расна, национална, верска или друга нетрпеливост, да ги опомене, односно отстрани гледачите кои можат со пеење на песни или дофрлување на навредливи пораки да предизвикаат и поттикнат омраза врз основа на расна, национална и верска припадност и да ги опомене, односно оддалечи гледачите со чие недостојно однесување може да се предизвика насилство на спортските натпревари“, се наведува меѓу другото во Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

Но, и покрај законските правила ниту на натпреварот во Куманово ниту на оној во Скопје навивачите кои скандираа националистички пароли никој од нив не беше отстранет од трибините.

Искра Опетческа

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ