На ѕидот часовник, застанал во некое време и не работи, но животот тече. Суров, лош, далеку од хуман, но тече. Во еден агол од собата до прозорецот обложен со најлони, наместо со стакло, на грб лежеше болен човек чија лева дланка не престануваше да трепери. Телото му е буквално заковано за креветот и не може да го движи, му се движеа само очите, кои ги сврте десно кон нас и тивко ни рече: „Заслужува ли човек вака да живее и вака болен во темнина да умре?“
На ова прашање одговор не беше потребен, бидејќи одговорот го имаше во неговиот поглед. Тагата и сивилото што тој ги носеше во очите беа одговор на сѐ. Кафената боја на зениците почнала да поцрнува и да се изедначува со црнките во очите. Неговата болест е канцер, а тој нема никаква можност да појде на лекар. Лежи врзан за креветот и чека.
Неговата сопруга покажувајќи ни ќеси полни со терапија ни вели дека има терапии што се примаат само на лекар, а дека тој не може ниту да појде, ниту да го однесат и му останува да чека.

„Дојдоа лекари, јас ги викнав, ќе му стават што треба и заминуваат. Сега пак му требаат терапии, ама ете, немаме можност да го однесеме, ниту да се храни како што треба“, вели таа низ солзи.
Солзи се стркалаа и низ лицето на болниот човек. Со неговиот тажен поглед нѐ испрати од темната соба во која тој ја живее темната судбина заборавен од институциите. Од оние истите институции што пред неколку месеци дојдоа да исчистат, кои ги видоа сите нехумани услови на возрасните и децата, но заминаа, и „Ранка Миланова“ како да стана „објект на духови“, кои сите ги забележуваат, а никој не сака да ги види низ институционалната клучалка.
Очите како да ни се сведоци на сцени од хорор-филм, само што овде го чувствуваме секој мирис, го гледаме секој милиметар што ја отсликува суровата реалност на нашиот систем, на институциите што се одговорни за овие луѓе, кои знаат дека тие се тука и кои со години ништо не направија за да им помогнат, а ниту едно дете не пратија на училиште.

Во секојдневието, за да биде парадоксот поголем, ако сте родител што детето не го запишал на училиште, ќе добиете казна. А овде, родителите бараат, децата молат да одат на училиште, сите знаат, а никој не обезбедува услови. Е сега вистинското прашање е кој ќе ги казни институциите што овие деца, од кои дел веќе треба да се средношколци, не минале ниту еден ден во училишните клупи.
Кога ќе излезете од темниот ходник, се гледа светлина, која ве води кон скали за погорниот кат. Еден пар скали, па потоа уште еден пар, па кат, секаде тули, а никаде ограда. На местото каде што требало да има ограда, сема има само мали шипки од арматура, која е опасна за секој што се качува, а особено за малите деца. Пред нас, околу нас, зад нас, трчаат низ скалите и за секунда се најдоа на горниот кат.

„Видете ги скалите, не дај Боже да падне некое дете, а многу лесно може тоа да се случи. На секој милиметар овде нѐ демне опасност. Заборавивме да се смееме, ние не живееме овде, ние само дишеме“, вели едната од двете млади жени.
И горниот кат исто како и првиот, и таму простории полни смет, фекалии, стари ќебиња, дрвени врати за топлење на зима… Симнувајќи се надолу се разминавме со деца што носеа полни шишиња вода. Од најмалото до најголемото, сите носат вода, ама никој ниту знае, ниту испитал што пијат овие луѓе.
Во дупка среде дворот полн со ѓубре имаше ставено црево од кое постојано тече вода. Од таа вода полнат за пиење, топлат во тенџериња на ќумбињата за капење и за перење. Но никој не знае каков е нејзиниот квалитет.

Во дупката со вода влегуваат сите деца без оглед на возраста. Излегуваат од таму и трчаат по дворот полн ѓубре, играат и на моменти од овој двор се слуша смеа. Немаат играчки, а сакаат, но немаат никакви услови. Малиот Адријан, кој се издвои од цела детска група како водач, најзборлив и со најголема желба за на училиште, додека да заминеме постојано прашуваше кога ќе учи да чита и пишува.
„Сакам да одам на училиште, како сите деца. Да имам другарчиња, ранче, да знам да читам и пишувам. Ама не сакам само јас, туку сакам сите деца овде да одиме заедно и за нив барам да се обезбеди да одат на училиште“, вели малиот Адријан.
Овде децата немаат мирен сон, немаат топол дом, немаат храна, ама имаат емпатија едни кон други и не се себични. Тоа ни го покажаа речениците и прегратките на малиот Адријан додека со двете раце склопени молеше да биде запишан и тој и сите деца овде, на училиште.
Светот од другата страна на улицата „Перо Наков“ ни покажа едно целосно друга димензија на животот, ако тоа воопшто може да се нарече живот. Луѓето што живеат таму остануваат со надеж дека нема да бидат заборавени, дека некој ќе го чуе нивниот тивок крик за достоинствен живот. А децата, со погледи полни невиност и соништа, сѐ уште веруваат дека еден ден и тие ќе одат на училиште.
Бевме испратени со прегратки, кои ни покажаа дека овие деца се полни љубов, но и дека имаат потреба од љубов и внимание. Пред портата застана и човек што со автомобил влезе да ги види овие семејства. Ни рече дека е сосед што живее во близина и кој секогаш кога има, им носи храна.
И ова ќе биде вака сѐ додека државата не се разбуди и не најде решение за овие семејства.

Како што се оддалечуваме неколку чекори од објектот, нѐ стасува вистината – овие луѓе живеат во сенката на институционалната рамнодушност. Немаат вода, немаат топлина, немаат услови, а сепак имаат нешто што ние во реалниот свет одамна сме го загубиле, човечноста и способноста да бидат благодарни и да се насмевнат и тогаш кога немаат причина.
Никогаш нема да ги заборавиме детските погледи полни соништа и зборовите дека сакаат да одат на училиште. Сите сме сведоци на нивната молба, која се надеваме институциите ќе ја исполнат, не од добра волја, туку бидејќи им е обврска.
„Ранка Милановиќ“ не е само локација во Скопје, туку е огледало на системот, кој долго време одбива да погледне во себе.
По репортажата за условите во „Ранка Милановиќ“ редакцијата на МКД.мк чека одговори од институциите одговорни за овие луѓе, за тоа дали и кој ќе им помогне и конечно по долги години ќе го реши нивниот горлив проблем.
Катерина Додевска
Фото: Роберт Атанасовски






