Меѓу најстари настани и личности што ќе се одбележуваат се 250 години од раѓањето на Сирма Војвода, 180 години од смртта на Теодосиј Гологанов, 150 години од Разловечкото востание и 120 години од смртта на Даме Груев.
Главни носители на овие јубилеи се Институтот за национална историја и Музејот на македонската борба за самостојност.
Чествувањето на македонскиот јазик ќе биде направено со одбележување на 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков кое треба да го направи МАНУ заедно со Институтите за македонски јазик и за национална историја.
Освен што ќе одбележува 75 од своето постоење, Државниот архив ќе треба да одбележи и 75 години од смртта на Павел Шатев и Панко Брашнаров.
Ќе се одбележува личност и од поновата македонска историја – 15 години од смртта на Доста Димовска, влијателна македонска политичарка, пратеник и министер во првите години од самостојноста на Македонија и 70 години од раѓањето на загинатиот претседател Борис Трајковски.
Мултиетнички карактер
Од културата, пак, ќе се одбележува 60 годишен јубилеј од првиот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, потоа 40 години од смртта на Ристо Шишков, но и 20 години од смртта на Петре М. Андреевски.
Програмата има и мултиетнички карактер. Ќе се одбележува и 90 години од раѓањето на Ферид Мурат, светски познат лекар со албанско потекло од Македонија, кој беше дел од тимот научници што ја споделија Нобеловата награда за медицина во 1988 година и 15 години од смртта на Аслан Селмани, професор од ПМФ. Ќе се одбележуваат и 50 години од основањето на Катедрата за турски јазик.
100 години Зоолошка градина
Меѓу поинтересните јубилеи се и 100 години од Природно-научниот музеј и Зоолошката градина во Скопје, кои во времето на нивното отворање како институции биле реткост не само на Балканот, туку воопшто во светот.
Доајените на македонската народна музика Никола Бадев и Васка Илиева исто ќе добијат државно одбележување од „Танец“ на годишнините од нивната смрт.
Од естрадата, општина Струмица ќе одбележува 5 години од смртта на Гоце Арнаудов, Крушево – 15 години од отворањето на Спомен куќата на Тоше Проески, а град Скопје 50 години од основањето на рок-џез групата „Леб и сол“ и 10 години од смртта на Есма Реџепова.
Одбележување на државните празници
Годишнините согласно предлог-одлуката, надлежните институции треба да ги одбележуваат со свечени седници, академии, споменично одбележување, монографии, образовни активности, трибини, изложби….
Парите за државното одбележување се обезбедуваат од државниот буџет, од сметката на Министерството за култура или пак, одбележувањето го прават општините тогаш од нивните локални буџети.
Покрај овие настани, редовно државно одбележување, кое заеднички треба да го организираат Претседателката, Собранието и Владата се и државните празници, 24 Maj, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители,- 2 Август – Ден на Републиката, 8 Септември – Ден на независноста, 11 Октомври – Ден на народното востание, 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба и 8 Декември – „Св. Климент Охридски“.
Годишната програма за државно одбележување на значајни личности и настани се изготвува секоја година од ресорната Комисија за култура, по спроведен повик до државни органи, научни институции, единиците на локална самоуправа, здруженија на граѓани и институции во државата, по што ја прави селекцијата.
Оваа годишна програма е втора по обем, по ланската програма која содржеше над 100 јубилеи со цел да се надоместат некои јубилеи што изминатите години не добија државно одбележување. Имено, ваква програма, иако е законска обврска, Собранието не носеше цели шест години. Тогашната опозиција реагираше дека власта на СДСМ и ДУИ одбегнуваат носење на ваква програма поради јубилеите од Илинденскиот период на кои негодуваа бугарските власти, но и поради притисокот на албанскиот партнер во Владата голем дел од оваа програма да припадне на контрадикторни личности од албанската историја и култура.
МИА






