За тројцата осомничени кои се дел од постапката побарана е мерка притвор, но тоа не е случај со синот на обвинителката и неговиот колега кој се осомничени за фалсификување службена исправа.
За овој случај од ОЈО ни одговорија дека обвинителот постапува според доказите и дејствијата на осомничените, без разлика на евентуалните семејни или други релации.
„Во конкретниот случај, како што претходно известивме постапка е поведена против вкупно 5 лица од кои три се осомничени за кривични дела криумчарење и фалсификување исправи и за сите нив беше побарана мерка притвор. За двете службени лица кои се осомничени за дело фалсификување службена исправа, дело кое се гони во скратена постапка, не беа исполнети законските основи да се бараат мерки за обезбедување. Двете лица се достапни во досегашниот тек на постапката, беше извршен претрес во нивните домови и веќе дадоа исказ пред јавен обвинител во својство на осомничени“, стои во одговорот од ОЈО до МКД.мк.
Основното јавно обвинителство Скопје пред неколку дена извести дека е поведена постапка против три лица за кривични дела, криумчарење и фалсификување исправи.
Како што беше наведено во соопштението од ЈОРМ, станува збор за осомничени кои се дел од претходно разоткриената шема на дејствија за криумчарење луксузни автомобили од странство преку фалсификување службени и други исправи. Дел од учесниците во оваа шема се претходно обвинети, против дел се веќе изречени пресуди, а за дел, се посочува, кривичниот прогон е препуштен на Република Бугарија, бидејќи станува збор за тамошни државјани.
„Со акцијата реализирана под координација на јавен обвинител, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека првиот новоосомничен, во март 2022 година, преку граничниот премин Деве Баир, поттикнал и организирал криумчарење на автомобил Тојота ЦХР, вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потрага. Притоа искористил лажни таблички и лажни исправи кои му биле изготвени од лице кое сега е веќе осудено, па го регистрирал и извадил сообраќајна дозвола за возилото. Втората осомничена, во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра кој исто така бил предмет на меѓународна потрага. Автомобилот го презела осомничената со фиктивен договор за купопродажба, а потоа со лажни бугарски таблички и лажни исправи извадил сообраќајна дозвола во земјава“ соопштија тогаш од Обвинителството.
Третиот осомничен, се додава, е управител на правно лице, кој за потребите на фирмата, на сличен начин, избегнувајќи ја царинската контрола, во државава од Бугарија внел автомобил Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок, вреден 17.340 евра, со преправен број на шасија, а потоа со целосно лажни документи извадил сообраќајна дозвола за возилото.
Под сомненија за кривично дело фалсификување службена исправа постапка е поведена и против две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи.
За тројцата осомничени за криумчарење надлежниот јавен обвинител до судот поднесе предлог за определување мерка притвор. За едниот од нив кој во моментов е надвор од државата, ќе биде предложена притворска мерка која ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, се наведува во соопштението.
За случајот се огласи и Министерството за внатрешни работи, потврдувајќи дека МВР до ОЈО поднело кривични пријави против лицата Д.К., Г.С. и С.С. за кривични дела криумчарење и Фалсификување исправи.
Исто така, кривични пријави заработиле и двајца службеници кои биле вработени во МВР во времето кога биле криумчарени возилата.
„Под сомненија за кривично дело – Фалсификување службена исправа пријава е поднесена и против А.К и А.Ш. службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи“, соопштија од МВР.
А.Д.






