„Нашата компанија, Синохидро, е во целосна сопственост на Power Construction Corporation of China (PowerChina) – глобална корпорација, меѓу најдобрите 500 компании во светот, со успешно реализирани инженерски проекти во повеќе од 130 земји и региони, со врвен квалитет на изведба и исполнување на договорените обврски, коишто се широко прифатени на глобално ниво.
Во Македонија успешно ги завршивме и ги пуштивме во употреба автопатот Миладиновци–Штип, експресниот пат Крупиште–Кочани и експресниот пат Фариш–Дреново, што претставува голем придонес за унапредување на инфраструктурата за транспорт и подобрување на сообрајќаните услови за граѓаните. За време на спроведувањето на проектите, нашата компанија активно презема и општествена одговорност, помагајќи во санацијата на патот во селото Подвис кое се наоѓа во близина на проектот, при што од градот Кичево бевме наградени со признанието „Пријателска компанија“. Исто така, придонесовме за санација на локалните патишта во селото Извор, за подобрување на системот за одводнување и за редовно расчистување на снегот во зимскиот период. На барање на жителите, дониравме неопходни материјали и помогнавме во санација на нивните домови, со што преку конкретни активности ја потврдивме нашата посветеност кон корпоративната општествена одговорност и вистинската грижа за заедницата“, потсетуваат од Синохидро на повеќето нивни изведени проекти во Македонија.
Во контекст на предизвиците во реализацијата на автопатот Кичево – Охрид истакнуваат дека некои проектни решенија не биле целосно усогласени со реалните геолошки теренски услови.
„Во тек е реализацијата на автопатот Кичево-Охрид, а според договорените одредби, нашата компанија е одговорна за градежните работи, додека сите прашања поврзани со проектната документација на автопатот и косините, експропријација, како и дислокацијата, не се во наша надлежност. Во текот на изминатите десет години од започнувањето на проектот, нашата компанија континуирано се соочуваше со предизвици поврзани со експропријацијата на земјиштето, како и со некои проектни решенија што не беа целосно усогласени со реалните геолошки теренски услови. Особено во 2024 година, поради непредвидени геолошки појави, дојде до одрони и свлечишта на поголемиот број веќе изведени косини. И покрај тоа што, поради објективни фактори, роковите за завршување на проектот се одложуваа повеќе пати, нашата компанија секогаш доследно продолжуваше со изведбата со проактивен пристап, висока професионалност, ефикасност и тимски дух на соработка, вложувајќи максимални напори во градежните работи, активно помагајќи во координацијата и решавањето на проблемите со сите учесници во реализацијата на проектот“, се вели во писмената изјава на Синохидро.
Сепак, од компанијата сметаат дека со последниот анекс број 8, кој неодамна беше усвоен во Собранието, проектните предизвици со косините и свлечиштата се надминати и може да се продолжи поинтензивно со градежните активности.

„Во последниот период, со силна поддршка на Владата и работодавачот се забрза напредокот на проектот во делот на експропријацијата и изработката на проектната документација. На 13 јули, 7 септември и 31 декември 2025 година предвремено се овозможи пуштање во сообраќај на 13,5 км, 12,34 км и 2,12 км од првите делови од главната траса со вкупна должина на двата коловоза од 27,96 км. Исто така, изградени беа и дел од пристапните патишта за околните села, при што се постигнаа значајни резултати во текот на различните фази на изградбата. До сега, реализирани се над 95% од работите предвидени со оригиналниот договор.
Анексот бр. 8, кој неодамна беше усвоен од парламентот, главно се однесува на санацијата на 14 свлечишта на косини и други поврзани активности. Нашата компанија активно соработуваше со работодавачот и проектантската компанија при спроведувањето на дополнителните геолошки истражувања, потребни за изведбата на проектите за стабилизација на косините. Во моментов, проектите за стабилизирање на сите 14 косини целосно се завршени и одобрени, а понатамошните градежни работи ќе се реализираат според овие одобрени проектни планови.
Нашата компанија со професионален и одговорен пристап ќе продолжи да се ангажира за зајакнувњето на соработката меѓу сите учесници на проектот, активно ќе го промовира непреченото завршување на преостанатите градежни работи и ќе продолжи да игра позитивна улога во промовирањето на транспортната поврзаност и поттикнувањето на социјално-економскиот развој во Македонија“, порачуваат од подружницата на Синохидро – подружница Скопје.






