петок, 3 април 2026

Синoхидро: На трасата Кичево-Охрид од експропријацијата остануваат уште 31 отворено прашање

На проектот автопат Кичево-Охрид и понатаму остануваат отворени 31 прашања, претежно поврзани со експропријацијата, кои се во надлежност на инвеститорот и треба да се решат во најскоро време. Очекуваме да се интензивираат активностите за нивно надминување, со цел да се обезбедат неопходните предуслови за завршување на проектот согласно планираниот рок, односно до мај наредната година, се вели во реакцијата на кинеската компанија Синохидро корпорејшн лимитид (дел од Power Construction Corporation of China,Ltd. POWERCHINA).

Објавено на

часот

Сподели

Реакцијата на Синохидро доаѓа по објавите во некои медиуми за проблемите со роковите на дел од изведувачите на овој проект. Од кинеската компанија сметаат дека ваквите тврдења не се во согласност со фактичката состојба.

„Нашата компанија, како главен изведувач на проектот, избра два главни подизведувачи — Гранит со седиште во Скопје и Илинден Струга — да учествуваат во изградбата на проектот. Притоа, Гранит учествува во изведбата на Делница 1 (Кичево–Подвис) и Делница 2 (Подвис–Пресека), со вкупно 17,9 километри градежни работи; Илинден учествува во изведбата на градежните работи на Делница 3 (Пресека–Песочани) и на работите за долен строј и коловоз на Делница 5 (Требеништа–Подмоље–Охрид), со вкупно 23,7 километри.

Нашата компанија самостојно е одговорна за организација и изведба на градежните работи во тунелот, целокупните работи на Делница 4 (Песочани–Требеништа) во должина од 15,4 километри, како и за бетонските конструкции на Делница 5, сообраќајно-безбедносната опрема по целата траса и електроинсталациските работи.

До денес со добра организација на нашата компанија и поддршка од Владата на Северна Македонија и инвеститорот, завршени се градежните работи на тунелот како најтежок дел за изведба во проектот, исто така    Делница 3, делови од Делница 4 и Делница 5, вкупно 27,96 километри беа пуштени во сообраќај во 2025 година.

Од почетокот на проектот, поради повеќе причини кои не се поврзани со изведувачот — вклучително и промените во геолошките услови, измените во проектната документација што доведоа до зголемување на обемот на работите, бавниот напредок на експропријацијата, како и отежнатата дислокација на постојната инфраструктура — не беа обезбедени целосни услови за непречена изведба на проектот. Како резултат на тоа, динамиката на работите беше континуирано нарушена, поради што беше неопходно во повеќе наврати да се склучат анекси на договорот со инвеститорот за продолжување на рокот за изведба. Во текот на овој процес, нашата компанија активно му помагаше на инвеститорот во решавањето на наведените проблеми, вложувајќи максимални напори за унапредување на работите на терен и постигнувајќи значајни резултати.

Во моментов, Анексот бр. 8 на договорот е потпишан, меѓутоа на целата траса на проектот и понатаму остануваат отворени 31 прашања, претежно поврзани со експропријацијата, кои се во надлежност на инвеститорот и треба да се решат во најскоро време. Очекуваме да се интензивираат активностите за нивно надминување, со цел да се обезбедат неопходните предуслови за завршување на проектот согласно планираниот рок, односно до мај наредната година. Нашата компанија и понатаму ќе продолжи да обезбедува целосна и конструктивна соработка. Во исто време, ќе продолжиме со внимателно планирање и оптимална мобилизација на ресурсите за реализација на преостанатите работи, со цел да се гарантира висок квалитет и навремено завршување на проектот, како и исполнување на целта за целосно пуштање во сообраќај на целата траса до крајот на мај 2027 година“, е вели во реакцијата на Синохидро.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ