Од трите синдикати истакнуваат дека синдикатите се против било какво коруптивно однесување и не оправдуваат ниту поддржуваат било какво незаконско постапување на било кој вработен во УЈП, доколку истото е утврдено во законска и правична постапка.
„Како синдикални организации, изразуваме загриженост за случувањата во кои се инволвирани вработени во УЈП, особено за јавното изнесување на информации, коментари и квалификации кои можат да создадат впечаток на однапред утврдена вина и однапред осудување на даночните службеници без правосилна судска одлука, кое е спротивно на Уставот, Законот за кривична постапка и Европската конвенција за човекови права. Апелираме до сите јавни чинители, органи инволвирани во постапките и медиуми да покажат воздржаност и почитување на начелото на презумција на невиност, кое е прекршено со јавно објавување на имињата на вработените во УЈП“, велат од трите синдикати.
Исто така, синдикатите бараат јасно разграничување на делата за кои се гонат учесниците инволвирани во даночни измами и коруптивни дејствија, од една страна, и дејствијата и евентуалната дисциплинската одговорност на вработените кои произлегуваат од работниот однос во УЈП во смисла на Законот за УЈП, Законот за даночна постапка, Колективниот договор на УЈП и интерните акти на работодавачот, од друга страна.
„Посебно нагласуваме дека изолирани сомнежи или постапки не смеат да се користат за дискредитација и нарушување на стабилноста на даночниот систем и буџетот, како и угледот на институцијата и на речиси илјада вработени во УЈП, кои секојдневно, професионално и одговорно ја извршуваат својата работа во интерес на државата и граѓаните“, велат од трите синдикати.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) минатата недела отвори истрага против 20 лица кои се сомничат дека го оштетиле државниот буџет за вкупно 297.733.844 денари. Во обемна акција спроведена на 16 локации низ државата, истражителите со асистенција на МВР заплениле фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати на правни лица.






