петок, 11 јули 2025

Сиљановска од шпанскиот премиер Санчез побара македонските компромиси да бидат вреднувани од ЕУ

Mакедонската евроинтеграција и зголемувањето на економската соработка беа темите на денешниот разговор на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, која во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот, во Севиља се сретна со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.

Објавено на

часот

Сподели

Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.

Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија. 

Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.

Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.

Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна, соопшти кабинетот на Сиљановска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ