„ИПАРД фондовите се многу важни. Тоа за нас е еден неверојатно значаен проект. Еве и денеска во разговорот со градоначалникот зборувавме за користењето на средствата од ИПАРД, колку е тоа важно. И мислам дека европското однесување или однесувањето во рамките на владеењето на правото, или однесувањето како добри домаќини кон средства коишто ни се дадени на помош е многу, многу важно. Строго треба да се санкционира злоупотребата. Не е првпат да се соочиме со феноменот на злоупотреба. Тоа не е добро. Значи одговорност мора да има“, нагласи Сиљановска Давкова, одговарајќи на новинарско прашање за време на работната посета на Општина Ресен.
Министерството за финансии вчера соопшти дека преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија, Македонија донела одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата. Како што беше појаснето, ваквата Одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, потенцирајќи дека истрагата се продлабочува бидејќи има информации и за претходни злоупотреби на средства. Тој рече дека побарал да се блокира исплатата на парите од ИПАРД, за да се види до каде оделе злоупотребите.






