четврток, 25 декември 2025

Сиљановска-Давкова за 23 Октомври: Имаме обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните со порака да го продолжиме револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи.

Објавено на

часот

Сподели

„Ви го честитам 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност. Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Не случајно Републиката, во Член 36 на Уставот им гарантира посебни права на оние кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во национално-ослободителните војни за Македонија“, истакнува претседателката Сиљановска-Давкова.

Затоа, како што посочува таа, денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава.

„Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам“, вели Сиљановска-Давкова.

Чествувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, како што нагласува претседателката, е потсетување на нашата обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи.

„Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи. Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски,  историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа. Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста. Нека ни е вековит празникот“, истакнува претседателката Сиљановска-Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ