среда, 18 март 2026

Сиљановска – Давкова во ОН: Како е можно од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?

Пред голем испит сме: или ќе го гарантираме меѓународниот поредок врз визионерски принципи или ќе итаме кон катастрофа со несогледливи размери за човештвото, истакна претседателката Гордана Сиљановска – Давкова обраќајќи се денеска на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

Објавено на

часот

Сподели

„Пред наши очи започнува нова геополитичка ера. Наместо заедно да одговориме на ургентните предизвици, како што се мирот и безбедноста, климатските промени и уништувањето на животната средина, вештачката интелигенција и растечките нееднаквости, се чини дека одиме кон пост-хобсовска состојба на војна на сите против самите себе. Наместо еден, меѓународен поредок, како да никнуваат паралелни поредоци, секој со свои правила, вредности и интереси, што, не ретко, се насочени едни против други“, рече Сиљановска – Давкова.

Според неа, Обединетите Нации денес се соочуваат со геополитички и геоекономски земјотрес, а денешните кризи се последица на длабоки тектонски поместувања што ги подриваат принципите што го обликуваа светот изминативе 80 години.

-„Наместо да создава свест за споделена иднина, човештвото се соочува со војни и со губење на хуманоста. Со сè почестото игнорирање на меѓународното хуманитарно право, гладот станува оружје, а хуманитарните работници мета. Потресите на меѓународниот поредок отворија длабоки геополитички раседи. Еден од најактивните е во Украина, каде веќе три и пол години беснее војна. Руската агресија е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста“, рече Сиљановска – Давкова.

Таа повика на итна деескалација, доследно почитување на меѓународното право и примена на превентивната дипломатија за намалување на тензиите и зачувување на мирот.

Геополитичката раседна линија минува, како што рече, и низ регионот на Западен Балкан.

„Процесот на македонското пристапување кон Европската унија веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на објективните копенхагенски критериуми, туку поради субјективни, националистички причини. Најновиот ЕУ услов за почеток на нашите преговори е нова повторно наметната промена на Уставот“, рече претседателката.

Таа притоа укажа дека условувањето на почетокот на преговорите со нови уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за кои „бевме убедувани дека се затворени со Преспанскиот договор со Грција“.

„Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Напоменуваме дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за устави измени. Конечно, со конститутивните акти ЕУ себеси се дефинира како ‘единство на различности’ и се обврзува да ги почитува ‘културната и јазична разновидност’, ‘националниот и културниот идентитет’, ‘дигнитетот и интегритетот’. Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?“, праша претседателката Сиљановска – Давкова од говорницата на Генералното собрание на ОН.

Таа потенцира дека себеси се перцепираме како европјани и дека длабоко веруваме во европскиот проект, којшто по Втората светска војна донесе мир и економски просперитет.

„Европскиот идеал останува наша најголема инспирација и стратешка аспирација. Како држава посветена на добрососедството и на регионалната соработка не сакаме спорови со нашите соседи. Она што го посакуваме е да се интегрираме во Унијата, но без дополнителни услови и со зачувано национално достоинство“, истакна Сиљановска – Давкова.

Таа предупреди дека по војната во Украина, блокираната евроинтеграција на Западниот Балкан не е само политичко туку е и безбедносно прашање. – Со затворената политичка врата за земјите од Западниот Балкан и широко отворена врата за влијанија на трети геополитички центри на моќ, иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив, рече претседателката, додавајќи дека ЕУ ако сака да биде геополитичка унија не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ