вторник, 3 февруари 2026

Сиљановска-Давкова во Дубаи на средба со Пармелан и Карис

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, остварила средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан, на која, како што информираат од нејзиниот кабинет, било реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Таа остварила средба и со претседателот на Естонија, Алар Карис, на која биле потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката Сиљановска-Давкова, изразила уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и упатила покана за официјална посета на претседателот Пармелан. Таа, исто така, се заблагодарила и за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.

„Посочи на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион. Соговорниците го споделија мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави“, се додава во соопштението.

Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.

„Сиљановска-Давкова изрази сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество“, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.

Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.

Сиљановска Давкова остварила средба и со претседателот на Естонија, Алар Карис, на која биле потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции.

Таа се заблагодарила за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.

„Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмира ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за стабилноста и безбедноста на Европа“, се вели во денешното соопштение од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.

На средбата била поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за киберодбрана на НАТО во Талин.

Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изразила очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјата.

На средбата соговорниците размениле и мислења за актуелните глобални предизвици.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ