За неа, признанието „ Вељо Манчевски“ е институционално препознавање и вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес на поединци, здруженија и организации во македонското општество.
„Во забрзано дигитално време, геополитички тензии и општа неизвесност, постои насушна потреба од личности со ум, знаење, дигнитет, интегритет, достоинство и храброст кои ќе ни помогнат да го сочувуваме физичкото и ментално здравје, да не го изгубиме човечкиот пат и да чекориме по вистинскиот“, рече претседателката.
Сиљановска-Давкова ја потенцираше важната улога на верските великодостоинственици, како духовни водачи, но и на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи како почитуван посредник и мост меѓу нив!

Претседателката укажа дека традицијата на соживот и меѓусебно уважување на граѓаните од различна верска или етничка припадност, е битен фактор на кохезијата на македонското општество.
Годинава, признанието „Вељо Манчевски“ го добија, Берта Романо-Николиќ, од Еврејската заедница за промовирање на македонскиот модел на соживот и демократија, протојереј Гоце Костов, за промоција на вистински христијански вредности, проф. д-р Шинази Мемеди од Исламската верска заедница, за афирмација на исламската култура и цивилизација и Дијаконија Македонија – Мис Стон Центар од Евангелско-методистичка црква. Признанието „Вељо Манчевски“ за животно дело му припадна на проф. д-р Ацо Гиревски, од Македонската православна црква.






