недела, 1 март 2026

Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна, нема зошто да се грижиме во моментов

Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Состојбата е стабилна и безбедна врз основа на податоците на агенциите за разузнавање и за  национална безбедност, како и од податоците на министерствата за надворешни работи, за внатрешни и за одбрана со Генералштабот на Армијата, изјави вечерва претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова за медиумите по завршувањето на седницата на Советот за безбедност во претседателската Вила Водно, свикана поради влошената состојба на Блискиот Исток.

„Ние не сме во моментов изложени на нестабилност, ниту има опасности по безбедноста внатре и во регионот. Систем на рано предупредување веќе псоти заради координацијата на сите надлежни органи и тој е многу важен и поврзан со постојано следење на воените состојби. Значи, институциите ја следат состојбата во рамките на надлежноста, ги анализираат состојбите, се координираат, информираат и затоа мислам дека оваа оценка на стабилност и на безбедност е релевантна и важна“, истакна претседателката.

Посочи дека редовно се вршат проценки на ризиците и сите присутни на состанокот, кој во Вила Водно траеше повеќе од два часа, се обврзале дека тоа ќе продолжат да го прават.

„Се разбира ние сме во координација и со органите во регионот. Се уште НАТО немал седница која ќе биде посветена, меѓутоа Советот за безбедност заседаваше. Се разбира дека и регионалните информации ќе бидат споделени. Долга беше седницата заради темелноста на анализите и на информациите. Секогаш во вакви ситуации размислуваме за можното влијание не само на безбедноста туку и на економијата, на користењето на енергенсите итн.  Во тој поглед, исто така, надлежните информираа дека нема проблем, интерконекторот меѓу Грција и нас веќе е во функција. Законот предвидува да мора да има обезбедена нафта од 40 до 90 дена и тоа е исполнето. Значи, од она што го чув јас како претседателка можам да кажам дека имам цврсто уверување, не само институционално туку и документирано со податоци, дека нема зошто да се грижиме во моментов. Се разбира ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме“, изјави Сиљановска-Давкова.

Како што рече, од надлежните добила информаци дека под заштита и под контрола е седиштето на Еврејската заедница и Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, поради можните закани кон синагогите и други еврејски објекти низ светот на кои треба да им се посвети посебно внимание.

„И тоа се следи, и тоа е под заштита и контрола, што значи не може да очекуваме изненадување“, додаде претседателката.

Советот за безбедност беше во комплетен состав, цело време на седницата преку видеоврска учествувал и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој е во Соединетите Американски Држави и од него, рече Сиљановска-Давкова, ги добиле информациите за растечкиот број македонски државјани во регионот на Блискиот Исток . До нив е пратена пораката од Министерството за надворешни работи да се обратат до дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) и да се регистрираат за да бидат во предвид за евентуална евакуација.

„Најважно е дека формираниот Кризен центар во рамките на Министерството за надворешни работи е во постојан контакт со сите граѓани. Се разбира дека луѓето се загрижени, причината е затвореното небо за прелети. Во некои држави, како на пример Катар, можноста беше со бродски превоз, меѓутоа и тој не функционира. Факт е дека се згрижени, дека се безбедни и дека се во постојан контакт со Министерството за надворешни работи коешто работи на тоа да најде најдобар начин најбрзо што е можно за да може оние кои сакаат да дојдат овде“, рече претседателката Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата по завршувањето на седницата на Советот за безбедност.

Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева,  директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ