Оценувајќи ја работата на Македонија 2025 како обединувачка, плодна, успешна и корисна, Сиљановска информираше за процесот на формирање Совет за дијаспора како институционален облик на соработка и постојана комуникација со дијаспората, којашто ќе овозможи нејзина интеграција во македонските работи.
На средбата со Бордот на директори на Македонија 2025, по успешните, но и емотивни приказни на врвни бизнисмени и истакнати претставници на дијаспората се потенцираше важноста на негувањето и пренесувањето на чувството на припадност од генерација на генерација, како неопходно во зачувувањето на националниот идентитет.
Сиљановска истакна дека со „Македонија 2025“ споделуваме иста визија: да станеме компетитивен регионален економски играч, да имаме енергетска сигурност, да бидеме држава со успешен образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да градиме еколошка и правна држава, со силно граѓанско општество и демократска јавност.
Укажувајќи на светскиот и европскиот амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировен до еколошки, таа ја нагласи потребата од соработка, единство и зацврстување на односите со дијаспората во сите сфери, интегрирајќи ја во македонското општество.
„Визијата на Македонија 2025 е и наша визија: да бидеме компетитивен регионален економски играч со просперитетна економија, што се развива во амбиент на енергетска сигурност, да бидеме држава со добар образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да бидеме еколошка држава, правна држава, потпрена како што јас понекогаш потсетувам, на Веберовиот модел на стручна и компетентна државна и јавна администрација, со почитувана епистемолошка заедница којашто, за жал, денеска заминува надвор, да имаме развиено граѓанско општество и демократска јавност.
Зачекоривме во 2025 и оваа година е вистинскиот момент за евалуација на резултатите и на дострелите на Македонија 2025, во предвечерието на Сизифовската работа којашто нè очекува во остварувањето на Реформската агенда и Планот за раст.
Во светски и европски амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировна до еколошка, логичен императив е да си го обединиме сиот социјален капитал, да избегнуваме меѓусебни конфликти, да стимулираме соработка и единство, да ги зацврстиме односите со дијаспората во сите области, да ја интегрираме во македонското општество и во неговото ткиво во областите во коишто е најнеопходна, најстручна, но и најзаинтересирана.
За реформи е потребен домашен политички договор, но и договор со ЕУ и со нашите стратешки партнери, како и со дијаспората заради нејзината докажана креативност и капацитет во острата конкуренција во меѓународниот економски поредок, но и во културниот натпревар на државите, нациите и на поединците.
Се разбира, наша најголема национална обврска е да си го чуваме, браниме и негуваме националниот идентитет и неговиот интегритет и дигнитет. Да не се откажуваме од етичките вредности и принципи, да ги почитуваме, ако сакаме да се повикуваме на нив, кога другите ги кршат кон нас. Да не го забораваме општото добро – res publica и да не го жртвуваме за личните и за колективните интереси.
Верувам дека признанието оди во вистински раце, кај заслужни добитници кои персонифицираат врвно, меѓународно валоризирано знаење и успех, но и посветеност, хуманост, солидарност и патриотизам“, рече Сиљановска.