Сиљановска-Давкова укажа на кризата на демократијата во светот и Европа, како и на демократскиот дефицит на ЕУ, на сериозните безбедносни закани, како и на неодржливоста на исклученоста на државите од т.н. Западен Балкан од членството на ЕУ.
Според неа, барањата на соседите со кои се соочуваме со децении отстапуваат од Копенхагенските критиериуми и не се во духот на конститутивните акти на ЕУ.
Таа потсети на десeттината „да“ од страна на Европскиот парламент и Европската комисија и уште толку „не“ од Европскиот совет, заради вето од некои соседи.
Осврнувајќи се на компаративните историски искуства на проширувањето на Европската Унија, Сиљановска-Давкова укажа на примерите на вклучување во членство на кандидатки кои не исполнувале некои од критериумите за членство во ЕУ, како доказ за двојни стандарди и нарушен кредибилитет. За неа, Западниот Балкан не е товар за апсорпцискиот капацитет на ЕУ и неговиот прием ќе означи крај на вештачката поделба на Запад и Исток, ќе стави крај на балканизацијата и ќе обезбеди поголема безбедност на ЕУ, но и на Европа.

Исто така, според претседателката, иако во моментов е тешко да се зборува за реформи на Европската Унија, тие се неопходни.
Сиљановска-Давкова очекува ЕУ итно да го преиспита својот однос и политика кон Западниот Балкан, со оглед на, како што рече, растечките безбедносни закани и дилеми во воен и несигурен меѓународен амбиент, нарушена, драматичната промена на меѓународниот поредок, минимизиран мултилатерализам и сериозната криза на лидерство.
За неа, војните се плодна почва за авторитаризам, републикански монархизам, од типот на бонапартизам, но и опасност од нови мигрантски бранови.
Сепак, Сиљановска-Давкова, сè уште верува во шансите за преговори за враќање на мирот, безбедноста и демократијата.
Младите лидери најпрво се заблагодарија на приемот и искажаа благодарност за можноста да разменат ставови за демократијата, безбедноста и европската иднина на Западен Балкан, како тема на панелот. Во панел-дискусијата, европските демократски студенти се вклучија со низа прашања и коментари. „Како прва жена претседателка, како би нè советувала, нас, критички настроените млади да влијаеме врз зголемувањето на бројот и учеството на жените во креирањето на политики на сите нивоа? Кои се македонските приоритети во безбедносната политика и како ќе ги остварите? Колку е тешко да се промовира и одржи граѓанското единство во мултиетничко општество, како македонското?“, беа само некои од прашањата.






