среда, 11 јуни 2025

Сиљановска Давкова од Рим: Без писменост не можете ниту умот ниту мислите да ги изразите

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и државно-црковната делегацијата кои се во посета на Рим и Ватикан по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, денеска положија венец цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Објавено на

часот

Сподели

Тешко е човек да ја изрази импресијата по ваков настан иако јас по вторпат доаѓам овде, секогаш како да е првпат. Молебенот од вчера ќе го помнам цел живот. Беше прекрасно да се поклоните на некој на кој му се поклонува сиот словенски свет – на Кирил, на филозофот Константин, изјави претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска во Рим, по повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители, Сиљановска Давкова и делегацијата го посетија и гробот на папата Франциск.

„Тоа е место што зрачи со духовност, а дополнително кога ќе чуете молебен од прекрасни, посветени, млади, убави свештеници тогаш верата уште повеќе се зајакнува и тоа е момент на духовност“, истакна претседателката Сиљановска – Давкова, која заедно со државно-црковната делегација денеска ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на светите браќа Кирил и Методиј.

Силно  и инспиративно е, истакна Сиљановска-Давкова, „да прочитате на македонски јазик, покрај на другите словенски јазици, дека му оддаваат почит на духовниот сесловенски татко без кој веројатно ние тешко би се просветиле, бидејќи тој е носителот, промоторот на писменоста, а без писменост не можете ниту умот ниту мислите да ги изразите“.

На тоа, како што посочи, се надоврзува денешната посета на гробот на папата Франциск, кој „ќе остане запаметен по умот, по посветеноста, по ерудицијата, по блискоста до граѓаните, до верниците, длабоката верба во Бог, во мирот, човекот посветен на обичните, на сиромашните“.

„Токму изборот ова да биде неговиот вечен дом и белата роза ја отсликува скромноста. Тоа за некој како мене кој поминал 45 минути во разговор со него минатата година е нешто што ја потенцира духовноста“, рече претседателката.

Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим денеска присуствуваше и црковната делегација, предводена од митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф, и голем број македонски граѓани, за што таа рече дека „ова мало одбрано друштво верска фамилија овде, придружено и од многу нашинци, уште повеќе ја зајакнува вербата во доброто, во мирот, во единството на кое особено повикува новиот папа Лео 14.

„Тоа е она предупредување за нас обичните луѓе, верниците, дека не е завршен патот, дека се уште не е остварена визијата на големите Кирил и Методиј, а еве и на папата Франциск“, рече Сиљановска – Давкова.

Таа изрази надеж дека чекор напред ќе направи светот, Европа, верниците, со новиот Папа, бидејќи, како што рече, тој ќе ја продолжи христијанската приказна, сесловенската, духовната приказна.

„На човештвото никогаш не му било повеќе потребна вера, со оглед на напливот на материјалното што не доведе до состојба со која не смееме да се гордееме. Ама затоа ова денеска, тоа вчера и утре ќе не упати на правиот пат“, истакна претседателката Сиљановска – Давкова, која во понеделник во Ватикан ќе има аудиенцијата кај новиот папа Лав 14 и средба со кардиналот Пјетро Паролин.

Вечер, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствува на концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчески, настан во организација на македонското Министерство за култура.

Македонската делегација предводена од претседателката Силјановска – Давкова вчера во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, со кој чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-Гостиварски господин Јосиф и епископот Стобиски, господин Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.

На свечениот чин во базиликата присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и претставникот на Католичката црква протојереј ставрофор отец Зоран Стојанов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ