сабота, 14 јуни 2025

Сиљановска–Давкова: Поддршка од Австрија за завршување на македонскиот маратон до Брисел

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Беате Мајнл-Рајсингер, сојузна министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија, на којашто биле потврдени одличните политички односи, засновани на почит и разбирање и нотирана развиената и интензивна соработка во телекомуникациите, банкарството, културата, образованието и други области, информира утринава кабинетот на претседатеката.

Објавено на

часот

Сподели

„Сиљановска- Давкова укажа на потребата од ставање крај на македонскиот маратон кон Брисел, условен од билатерализацијата на процесот на евроинтеграција и двојните стандарди за членство, понекогаш спротивно на темелните вредности и принципи, утврдени во конститутивните документи на ЕУ. Потенцирајќи дека Западниот Балкан беше и останува приоритет и на новата австриска влада, министерката Мајнл-Рајсингер истакна дека без западнобалканскиот регион, Унијата не е целосна. Посочувајќи ја Австрија како наш силен поддржувач, таа потврди дека македонската иднина е во Европската Унија, како и дека разговорите за решавањето, но и пронаоѓањето на самото решение на овој неоснован билатерален спор, би сакала да се случат во Виена“, се наведува во соопштението.

Претседателката Сиљановска-Давкова напоменала и дека во последните две децении Австрија е најголемиот странски инвеститор, со над 50 компании во државава и укажала на потенцијалот за продлабочување на економската соработка, особено во областа на обновливите извори на енергија, во инфраструктурата и во образованието, додека министерката Мајнл-Рајсингер го посочи туризмот како гранка во чиј развој, австриското успешно искуство може да ни биде од голема помош.

„Изразувајќи ја својата искрена благодарност за солидарноста и помошта по трагедијата во Кочани, Сиљановска-Давкова рекла дека Австрија уште еднаш докажа дека е наш искрен пријател и партнер. Обете се согласија дека е време за посета на највисоко ниво, во Скопје, или Виена“, соопшти претседателскиот кабинет.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ