Како што соопшти претседателскиот кабинет, Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите порача дека застанати пред амбисот на злото, нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за холокаустот на македонските Евреи.
„Овде стоиме над еден доказ или амбис на злото. Сите веруваме и ветуваме дека нема да дозволиме историски ревизионизам. Не може да разубавите зло, бидејќи докази за злото има и дома, ама докази за злото има и овде. Нивните домови се кај нас, стојат нивните куќи. Неслучајно ние имаме меморијален центар на холокаустот. Неслучајно сите знаат каде беше Еврејското маало. Неслучајно сите ги памтат прекрасните луѓе. Тој прекрасен ум бил отстранет од некој ужасен, нечовечки, злобен ум. Затоа ние често пати велиме дека не смее да се фалсификува вистината, не смее да се разубавува вистината, оти невозможно е од злото да направите добро. Тоа никој не успеал. Ние, среде Скопје, имаме три урни со пепел од Треблинка“, рече претседателката.

Значи, додаде таа, ние имаме дел од меморијата што е овде и таа постојано не потсетува на прекрасните луѓе чии животи завршија заради некои болни умови.
„Значи, јас од овде верувам и ветувам дека секоја година во ова време, ние мора да се најдеме со нашите македонски Евреи, овде, на ова ужасно место. И дома да ја кажеме таа многу, многу тажна приказна. Меѓутоа, приказна која покажува дека дури и овде ние сме свесни дека нивниот дух е таму со нас. Ама и нивниот дух е и низ Полска и секаде. Нивниот дух потсетува, нивниот дух опоменува и затоа треба да го негуваме тој дух“, истакна Сиљановска Давкова.
Укажувајќи дека државна и човечка должност е да сме тука во пресрет на утрешниот ден на сеќавањето на холокаустот на македонските Евреи, таа рече дека за нас трагедијата е поголема и поболна, бидејќи антисемитизмот никогаш не бил македонска одлика.
„Траорно е местово, особено во очи на денот којшто ќе остане засекогаш врежан како еден од најтешките денови за сите нас. Јас затоа реков дека денеска се чувствувам како македонска Еврејка, бидејќи тоа е нивниот дом. Замислете, да заминете со животот во еден куфер, во една кеса, на последниот пат и никогаш да не се вратите. Можеби некој ќе се лути, но мислам дека мора да потсетуваме на злото за да не се случи повторно. Мора да знаеме дека не се виновни само сторителите, туку и оние кои дозволиле да се случи злото. Затоа не смееме да дозволиме да се случи вакво нешто. Затоа јас сакам да повторам дека на 11 март 1943 година, тогашната бугарска фашистичка окупаторска власт, значи власта, а не народот бугарски, тогашната фашистичка власт насилно ги собра македонските Евреи од окупираната Македонија, тоа е она што го имаме заедничко со Полска, тогаш окупирана Полска, ги натовари во сточни вагони и ги депортира тука, во нацистичкиот центар за екстерминација Треблинка“, рече Сиљановска Давкова.

Според неа, фактот што македонските Евреи кои ја избегнале депортацијата, веднаш се вклучиле во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ, е доказ за нашиот соживот.
За тоа, според неа, сведочат малкуте Евреи кои ја избегнале депортацијата и нивните наследници, како и присутните роднини на преживеаните, кои гордо ја претставуваат малубројната, но за нас исклучително важна македонска Еврејска заедница.
„Повторувам, од окупирана Македонија во окупирана Полска. Страшно е човек да каже дека целта на Треблинка била што е можно побрзо, небаре на фабричка лента, на индустриски начин, да уништи што е можно поголем број луѓе. Чувме и денеска, 2.000 лица биле егзекутирани одеднаш. Страшно. Се прашувам, може ли нормални умови за 13 месеци од јули 1942 до август 1943 година, замислете, не да предизвикаат, туку да произведат смрт на околу 900.000 луѓе, Евреи. Меѓу нив биле и 7.144 македонски Евреи. Страшното за нашите Евреи е тоа што во прашање се 98% од севкупната македонска еврејска популација. Некој ставил крај на македонската еврејска заедница, а во рамките на македонските жртви во Втората светска војна се работи за околу една третина. Има ли поголема жртва за македонската слобода? Има ли поголема жртва за еврејската слобода?“, рече претседателката.
На комеморацијата, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикарио порача дека денешниот настан е силна порака дека се сеќаваме и мора да се сеќаваме на вистината и на она што Македонија го изгуби.
Според пратеничката Рашела Мизрахи, жртвите не се само бројки, туку семејства, идентитет и приказни со коишто се поистоветуваат сите македонски Евреи.
Мајкл Баренбаум, креатор на постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, истакна дека кога доаѓаме на ова место не треба да се осврнеме само на минатото, туку и да се потсетиме на одговорноста што ја имаме за никогаш да не се повтори вакво зло.

Претседателката положи цвеќе и пред централниот споменик во Треблинка, ја разгледа музејската поставка и оствари средба со директорот на Меморијалниот и музејски комплекс, Едвард Куповка. Таа го поздрави поставувањето на новиот ѕид на којшто ќе бидат напишани сите познати имиња на убиените Евреи во Треблинка, вклучително и имињата на македонските Евреи.
Во Варшава, претседателката положи венец пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето.
Сиљановска-Давкова е прв македонски претседател што го посетил Меморијалниот комплекс „Треблинка“.






