Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во својата новогодишна честитка порача дека посакува Новата 2026 година да биде време на исчекор кон траен светски мир, заснован на меѓународното право и меѓународните институции, како и година во која државата ќе се движи кон полноправно членство во Европската Унија.
Таа истакна дека целта е да се живее во амбиент на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина, упатувајќи лична честитка до сите граѓани.
„Лично, секому од вас му посакувам Нова година каква што најмногу сака. Среќна Нова 2026 година, сакани деца, среќна Нова година почитувани млади, среќна Нова година почитувани граѓани“, порача Сиљановска-Давкова.
Во честитката, претседателката се осврна и на годината што изминува, оценувајќи ја 2025 како година на значајни промени на меѓународната сцена и важни процеси во земјата. Според неа, светот ќе ја памети годината по драматичните промени во меѓународниот поредок, незамисливите војни со бројни човечки жртви, забрзаната милитаризација, како и по климатските, еколошките и енергетските кризи. Таа посочи и на маргинализацијата на меѓународните институции и суспендирањето на меѓународното право како сериозен глобален предизвик.
Говорејќи за надворешната политика, Сиљановска-Давкова нагласи дека државата се водела според европските безбедносни и политички стандарди, позиционирајќи се како видлив и почитуван актер на меѓународната сцена. Во однос на евроинтеграциите, таа истакна дека во текот на 2025 година фокусот бил ставен на исполнување на Копенхашките критериуми.
На внатрешен план, претседателката оцени дека 2025 година претставувала почеток на клучни процеси, меѓу кои реформите во правосудството, борбата против корупцијата и криминалот, изработката на национална развојна стратегија, воспоставувањето нови стратешки партнерства, инфраструктурните проекти, како и долгорочното решавање на енергетските прашања и системската соработка со дијаспората.
Како најтежок момент за сите граѓани, Сиљановска-Давкова ја посочи трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека болката од загубата ќе остане засекогаш присутна.
„Обврска на државата и општеството е да не ги заборават семејствата на загинатите и повредените, но и да обезбедат правда. Нивната немерлива жртва мора да нè направи подобри луѓе и да создаде политички и правен систем што нема да дозволи нови невини жртви“, порача претседателката.






