„Вчеравечер присуствував на свечената вечера приредена од францускиот претседател Емануел Макрон, во чест на високите гости на Парискиот мировен форум. Во пријатна атмосфера водевме разговори насочени кон зајакнување на глобалниот мир. Само преку заемна почит и разбирање можеме да создадеме услови за напредок и побезбедна иднина за сите“, се наведува во објавата на Фејсбук-профилот на Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска – Давкова се согласува со претседателот на Франција Макрон кој, како што наведува, на Парискиот мировен форум укажа на заканата од лажните информации коишто со креирање на радикални наративи ги нарушуваат демократските процеси.

„Почитувањето на националниот и културниот идентитет, солидарноста, владеењето на правото и човековото достоинство, како основна цел на ЕУ, можат да бидат постигнати само со соодветни информации што нема да бидат под влијание од профитно базираните алгоритми на социјалните мрежи и лажните профили, коишто ја уништуваат јавната дебата и ја загрозуваат демократијата“, напиша Сиљановска – Давкова на Фејсбук.
Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.






