Како што соопшти претседателскиот кабинет, предвидено е Сиљановска-Давкова на 11 октомври да се обрати на свеченото одбележување на годишнината, каде што, покрај останатите високи гости, е најавено присуството на претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела и претседателката на Република Молдавија, Маја Санду.
На настанот ќе му претходи отворање на изложбата на тема „Демократија преку право: од Република Серенисима до Венецијанската комисија на Советот на Европа“.
Претседателката ќе оствари средби со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе и со претседателот на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, Марк Кулс.
„Во рамки на посетата, претседателката ќе оствари средба со претставници на македонската заедница во Италија и ќе се обрати на приемот што по повод 11 Октомври, Денот на народното востание, ќе се одржи во Генералниот конзулат во Венеција“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Сиљановска-Давкова во периодот од 2008 до 2016 година беше македонски претставник во Венецијанската комисија.






