10 декември навистина е сè уште симболичен правен и цивилизациски пресврт. Во прашање е денот кога, по ужасите на Втората светска војна, државите се согласија дека има права што му припаѓаат секому, на секој човек само затоа што е човек, заради неговата генеричка структура, а не затоа што припаѓа на одредена држава, нација, вера или група. Универзалната декларација од 1948 година го означи раѓањето на модерната култура на права и всушност, постави темел за она што денес го нарекуваме владеење на правото или правна држава, рече претседателката Сиљановска-Давкова на почетокот од своето излагање.
„Од една страна, човештвото никогаш немало толку развиени правни инструменти посветени на човековите права, конвенции, судови, механизми за надзор, стандарди. Но, од друга страна, соочени сме со растечки конфликти со бегалци, со раселени лица, со жртви на масовни повреди, расте овој број. Само еден драматичен податок: над сто милиони луѓе во светот живеат надвор од своите домови, не по сопствена желба туку поради прогон, војни, насилство и системски повреди на нивните права. Ова не е само статистика, тоа е еден обвинителен акт, ако можам таква синтагма да употребам, за колективната совест или за совеста на човештвото.
Затоа денеска, кога зборуваме за човековите права, не смееме да се задоволиме со формулата дека ‘има многу или има повеќе механизми, па затоа состојбата е подобра’. Не. Потребна ни е сериозна објективна анализа, а не само реторика“, реќе Сиљановска.
Да, порано ние зборувавме за генерации, за прва, за втора, за трета генерација, рече таа, а денеска зборуваме за дигитални права, за нужност од заштита на личните податоци од нашето јас, денеска зборуваме за право на транспарентни алгоритми, за потреба насушна од алгоритамската дискриминација, за пристап до интернетот како предуслов за користење на низа други права.
„Сакам да кажам дека развојот на човековите права не е статичен и тие, човековите права не се список од 1948 година, туку еден жив систем, динамичен, систем во развој којшто мора да соодветствува, за жал, на системот на нови ризици и на нови технологии коишто се употребуваат односно се злоупотребуваат.
Се уште, за мене, тоа го потенцирав и лани и годинава во Генералното собрание, Обединетите нации уживаат легитимитет и остануваат централен дом на државите и нациите, потпрен на Советот за човекови права, високиот комесар, специјалните известувачи или многубројните договорни тела. Но, истовремено, понекогаш, не заради цинизам, велам дека, тоа му го кажав и на генералниот секретар, ОН почнуваат напати да наликуваат на Лигата на народите кога се соочи со проблемот од исчезнување. Зошто? Под товарот на геополитичките поделби, а не на мултилатерализмот, под товарот на селективната примена на правото, под товарот на одлучувањето во Советот за безбедност преку употребата на ветото кадешто редовно реалистите ги победуваат идеалистите. Идеалисти за мене не се утописти. Идеалисти се оние кои говорат за политика втемелена и врамена во границите на правото. Колкупати сме рекле rule of law instead rule of men. Ама, проблем имаме со овој повик. Значи, имам впечаток кога ги гледам Обединетите нации дека се работи за еден сè уште актуелен џин којшто напати или најчесто е немоќен. Се уште е тоа важна институција и за мене, само таму може да се решава за крајот на војната и за воспоставувањето на мирот со активност на Генералното собрание како дом на сите“, вели Сиљановска и додаде дека за државите што претендираат на членство во Европската Унија, човековите права не смеат да бидат декоративна реторика, туку суштински услов.
„Секоја реформа врзана за Копенхашките критериуми всушност мора да ја анализираме низ призма на главното: владеење на правото и на човековите права оти без уживање на основните човекови права ние имаме проблем со очовечувањето оти тоа е дел од нашата, реков генеричка суштина. Значи, јасно Копенхашките критериуми бараат стабилни институции кои ќе гарантираат демократија, владеење на право, човекови права вклучувајќи ја и заштита на малцинствата. Оваа не е политички ‘совет; или препорака, туку е правно-политичка обврска, должност. Ова важи и за нас.
Тоа значи дека реформите во судството, борбата против корупцијата, не знам дали ги видовте последните шокантни резултати на Евробарометар за перцепцијата на граѓаните и во членките на Европската Унија што е над 65% кои сметаат дека корупцијата и криминалот се најголемиот проблем, заштитата, велам, на медиумските слободи оти тие се чуварот, тие се гласникот на она што не е добро, унапредувањето, многу важно, на положбата на ранливите групи бидејќи, да, ние имаме една темелна вредност која се вика хуманизам и солидарност целосно заборавена. Ние кога зборуваме за правична и соодветна застапеност мислиме само на етничката основа, ама мене ми се чини дека мора да најдеме механизам тоа да се однесува особено на лицата, несоодветен е изразот со попреченост, бидејќи државата е попречена што не препознава лица кои на поинаков начин ги изразуваат своите способности. Не смееме да се откажуваме од тоа знаење, од таа енергија, од таа убавина, од таа креативност. Ова важи најмногу, да бидам искрена, за жените. И еве јас ќе си дозволам бидејќи каде и да одам овие две години велам дека реформата на ОН почнува со жена генерален секретар, ама почитувани колешки и колеги, немам одговор, не гледам причина како можело на толку умни професорки овде сè уште да немаме жена декан. Значи сево ова е важен услов за европска перспектива и за валидна европска ориентација“, рече Сиљановска-Давкова.






