Како што информира кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова ќе положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани во логорот на смртта, во март 1943 година.
Во македонската делегација предводена од Сиљановска-Давкова се и амбасадорот Габриел Атанасов, национален координатор и шеф на делегацијата при Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот – ИХРА, претставници од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и претставници од Еврејската заедница.
За време на посетата на Полска, претседателката во Варшава ќе положи венец пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето и ќе се сретне со претставници на македонската дијаспора.
„Сиљановска-Давкова е прв македонски претседател којшто ќе го посети Меморијалниот и музејски комплекс ‘Треблинка’, по повод одбележувањето на денот на депортацијата на македонските Евреи“, наведува кабинетот во соопштение.






