Како што беше потенцирано, жените се недоволно застапени на високи истражувачки позиции, а традиционалните општествени очекувања во врска со семејството често се причина да престанат со научна дејност.
„На мојот факултет каде предаваме за родова еднаквост, сè уште немало жена-декан. Веројатно е до нас. На многу факултети доминираат жените во бројот на вработени, но не и на деканската функција“, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред присутните.
Изразувајќи верување дека доаѓа времето на жените, Сиљановска Давкова оцени дека можеби оваа година е клучна, кога се одбележуваат осум децении од формирањето на ОН.
„Осумдесет години од ОН се време за катарза. Време е за жена генерален секретар на ОН и за зајакнување на улогата на Генералното собрание каде се слуша гласот не само на големите, туку и на малите и средно големите држави“, порача Сиљановска Давкова.
Таа изрази верување дека доаѓа времето на жените.
„Да го препрочитаме Хемингвеј и да се збогуваме со оружјето“, подвлече претседателката.
Настанот „Глобален женски појадок 2025“ го организира Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија по повод 11 февруари – Меѓународен ден на девојките и жените во науката.






