„Денес, кога зборуваме за климатските промени, не зборуваме за нешто далечно и апстрактно, туку за реалност којашто секојдневно ја живееме низ летата што траат подолго отколку што сме навикнале, низ воздухот, збогатен со PM честички, низ водата што станува загадена и недоволна, низ шумите што исчезнуваа“, рече претседателката на настанот „Климатски промени – ризици и предизвици“, што се одржа денеска во вилата „Водно“.
Таа нагласи дека климатските промени се мултипликатор на ризици и бараат координиран институционален одговор.
„Климатските промени се опишуваат како мултипликатор на ризици, зашто не создаваат само нови предизвици, туку ги засилуваат постојните: она што вчера било економски проблем, денес станува социјален, а утре и безбедносен. Во последните години, екстремните временски и климатски настани предизвикаа значајни економски штети и загуби на ресурси, што директно се одразува врз развојните можности“, нагласи претседателката.
Во своето обраќање, Сиљановска Давкова се осврна и на уставната обврска за заштита на животната средина.
„Нашиот Устав ја препознава заштитата и унапредувањето на животната средина и природата како темелна вредност на уставниот поредок. Денес, таа вредност не може да се разгледува изолирано, туку и во контекст на безбедноста, имајќи предвид дека ризиците од климатските промени директно влијаат врз функционирањето на општеството и институциите. Иако оваа вредност е уставна материја, сѐ уште го чекаме Законот за климатска акција“, рече таа.
Претседателката повика на промена во начинот на размислување и планирање.
„Потребна е промена во начинот на којшто размислуваме, планираме и одлучуваме, зашто долго време функциониравме реактивно, односно „пост фестум“, наместо превентивно, односно „ex ante“. Преминот кон превентивно делување станува неопходен, при што интегрираниот систем за рано предупредување е дел од решението, заедно со координацијата меѓу институциите и соработката“, порача Сиљановска Давкова.
На дискусијата се обрати и националниот координатор за климатски промени, Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска, која зборуваше институционалениот статус, тековни активности и Законот за климатска акција.
Таа посочи дека има потреба од балансирање на она што е барање со што е очекување и издвои повеќе приоритети од планот за раст.
„Донесување на закон за климатска акција, реструктурирање на организациската структура на МЖСПП преку инкорпорирање на единица за следење и известување, градење капацитети на нови работи и приватниот сектор и донесување на подзаконски акти“, посочи Обрадовиќ-Грнчаровска.
Професорот Владо Спиридонов, предупреди на можни екстремни сценарија ова лето.
„Климатскиот систем е нестабилен. Чести екстремни временски, хидролошки и климатски настани бараат итна адаптација со современи системи за прогноза и најава на повеќестепени хазарди. Подгответе се за ова лето – можно е силно Ел Нињо сценарио со зголемени температури, топлотни бранови, суши и интензивни бури“, рече Спиридонов.
Настанот обединува универзитетски професори, експерти, претставници на институции и граѓанскиот сектор, со цел да се изнајдат конкретни препораки и мерки за превентивно дејствување и иновативни решенија за адаптација на климатските промени.






