Претседателката посочува дека аутизмот е комплексен и хетероген спектар на искуства што ја проширува нашата перцепција за човечката различност.
„За мене, бројни поединци кои се поврзуваат со овој спектар се инспиративен пример дека различноста може да биде извор на исклучителен интелектуален придонес. Лицата од аутистичниот спектар нè учат на искреност, трпение и на различни модалитети на изразување и интеракција. Поддршката за нив не смее да биде симболична, туку мора да се артикулира како системска и континуирана обврска, преку обезбедување достапни услуги, стручна поддршка и инклузивни политики што овозможуваат нивно учество и развој“, напиша во објава на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Инклузијата, како што посочува таа, не е апстрактен идеал, туку мерка за зрелоста на едно општество.
„Таа се гради преку разбирање, одговорност и активна посветеност на создавање средина во којашто различноста не се маргинализира, туку се препознава и вреднува“, вели Сиљановска-Давкова.

Аутизмот не е пречка, туку различен начин на доживување на светот, кој заслужува почит, внимание и еднакви можности, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод 2 април – Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот.
„Денеска, на 2 април – Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот, се потсетуваме на значењето на разбирањето, прифаќањето и поддршката за лицата од аутистичниот спектар и нивните семејства. Аутизмот не е пречка, туку различен начин на доживување на светот, кој заслужува почит, внимание и еднакви можности“, порачува претседателот на Собранието.
Гаши нагласува дека како претседател на Собранието, останува посветен на унапредување на политиките што обезбедуваат инклузија, пристап до образование, здравствена и социјална заштита за сите.
„Да изградиме општество во кое различностите не се бариера, туку вредност што нè зближува“, посочува Гаши во пораката.






