Таа изрази задоволство од посетата, истакнувајќи дека се чувствува „како дома“ во духовниот храм, кој го оцени како важен центар за зачувување на идентитетот, културата и традицијата на Македонците во дијаспората.
Претседателката упати благодарност до хрватските власти и граѓани за поддршката и разбирањето, овозможувајќи македонската заедница да има свој духовен дом.
Сиљановска-Давкова нагласи дека хрватско-македонските односи се пример за успешна соработка, потсетувајќи на долгата историска поврзаност меѓу двете земји, од културни до академски врски.

Таа најави дека за време на посетата ќе одржи предавање на Правниот факултет во Загреб на хрватски јазик, со цел да биде поблиска и поразбирлива за студентите.
Во храмот, претседателката беше пречекана од отец Кирко Велински, кој ѝ врачи орден во знак на почит и благодарност за посетата.
Тој истакна дека црквата не е само место за молитва, туку и духовен и културен центар што ги поврзува Македонците со татковината.
„Црквата не е само место за молитва, туку духовен центар каде што се негува нашата вера, традиција, обичаи, јазик и идентитет. Таа е мост меѓу татковината и дијаспората, прибежиште за сите кои бараат утеха, место за средби, човек со човек и човек со Бога“, рече отец Велински.

На средбата со претставниците на македонската заедница беа разменети мислења за нивната положба во Хрватска, како и за можностите за унапредување на врските со Македонија. Разговорите поминаа во срдечна атмосфера, со акцент на зачувување на националниот идентитет, јазикот и културата.






