петок, 27 февруари 2026

Сиљановска-Давкова – Грлиќ Радман: Проширување на ЕУ со Западен Балкан без билатерализација и вето

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што информираат од кабинетот на Сиљановска-Давкова, двајцата го потврдиле цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од три децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.

Сиљановска-Давкова искажала искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.

Министерот Радман, се вели во соопштението, ја потврдил подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.

Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ