петок, 20 февруари 2026

Сиљановска-Давкова: Добро е што ќе има нов закон за помилување, а автентичното толкување да се тргне од парламентот

Помилувањето никогаш не треба да се води од казната што е одредена и од природата на делото, туку да го мери и да го оценува процесот на ресоцијализација на институцијата. Сите луѓе, па и кога ќе направат големи грешки во животот и ќе се најдат изолирани, имаат право на втора шанса. Впрочем, денес трендот во ресоцијализацијата оди рака под рака со осовременувањето и очовечувањето на условите во затворите, истакна денеска претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во воведното излагање на Научно-стручната расправа по предлог-законот за помилување на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

„Нашите затвори сè уште не го исполнуваат овој услов“, рече претседателката која потсети на укажувањата дека можеме да се најдеме на удар на Советот на Европа дури и за елементи на тортура за постапувањето кон луѓето во затворите.

Добро е што се седна да се изработи нов закон, бидејќи како што кажа, актуелниот „не личи на закон, особено ако мора да го читаме низ призма на она што го стори Уставниот суд менувајќи многу одредби“ и оти членовите на комисијата не можат да имаат „истражни“ надлежности и да бараат информации од судовите или агенциите, и оти во нејзиниот состав не траба да бидат судии, адвокати…

Претседателката отвори неколку прашања поврзани со законот пред експертите од оваа област. Законските решенија, според неа, треба да се креираат имајќи предвид различни профили на претседатели, а меѓу прашањата што ги отвори е сведувањето на минимум на дискрециското право на одлучување, одредба за Комисијата за политички систем, досегашната и идната улога на Министерството за правда…

„Бидејќи во ова постапување има секогаш простор за дискреционо однесување, прашањето е како да се сведе на минимум, или дури како да се анулира дискрецијата, оти во демократски систем не треба да има простор за вакво постапување. И јас затоа одговорно овде тврдам дека секогаш работата сум им ја оставала на комисијата. Како што ќе одлучи комисијата, така се однесувам и јас“, рече Сиљановска – Давкова, додавајќи дека можеби тоа треба да се внесе во законот.

Во дебатата таа го отвори прашањето за тоа дали можеби не треба да се направи и закон за претседател.

„Еден ден треба да собереме сила и да донесеме закон за претседател, оти имаме закон за правата на претседателите кои не се претседатели, а немаме закон за претседател“, рече Сиљановска – Давкова.

Зборувајќи за делата доживотен затвор и дилемата дали некои од лицата осудени на ваква казна не треба можеби крајот на животот да го дочекаат поинаку, со исклучок на случаи со тероризам и против човештвото, таа, меѓу другото, рече дека ние треба да ги следиме мислењата на Венецијанската комисија, која им препорачува на државите од поранешна Југославија „да го тргнат автентичното толкување, да го лоцираат таму каде што му е место – во Уставниот суд и да го тргнат од парламентот“.

„Ние сме држава со најмногу автентични толкувања. Образложението од Венецијанска е дека не може еден состав сегашен, да толкува што мислел еден во деведесетите години и дека е лесно преку автентично толкување да дадете сосема поинаква интерпретација на некоја законска одредба. Дури има забелешка и за општите мислења на Врховниот суд, исто така врз поделбата на власта“, рече Сиљановска – Давкова.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ