Претседателката Сиљановска Давкова повтори дека сме цврсто определни за влез во ЕУ и истакна дека во чекорењето на Црна Гора и Албанија на патот кон ЕУ гледа европски чекори и за целиот Западен Балкан.
„До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. И тука имаме консензус дека тоа е нешто што не е врзано само со Копенхагенските критериуми, туку за нашата европеизација“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
При тоа, претседателката подвлече дека билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и дека сериозно треба да се однесуваат земјите – членки на ЕУ, да ја превенираат.
„Ставањето на агендата на идентитетските прашања и на историските прашања само ќе го комплицира процесот на пристапување на земјите кои природно припаѓаат кон ЕУ“, рече таа.
Македонската претседателка оцени дека односите меѓу нашата земја и Албанија се одлични и пријателски, немаме отворени прашања и имаме основа за продлабочување на соработката во сите области.
„Денешнава средба за мене е поттик за поинтензивна билатерална соработка и таа е уште еден влог во продлабочувањето на пријателството и на взаемната поддршка“, рече претседателката.

Албанскиот претседател Бегај истакна дека односите меѓу двете земји треба да бидат пример во регионот, особено во соработката. Блискоста е секојдневна, додаде тој, преку студентите, бизнисите, претприемачите, трговската размена, туристите… Коридорот 8, како што кажа, е симбол на новата ера на соработка, но и за европската безбедност во иднина.
Бегај исто така зборуваше и за клучната улога на Албанците во Македонија посочувајќи, меѓу другото, исто така и на почитувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, но и на почитување на правата на Македонците во Албанија. Тоа, рече тој, претставува силен мост за соработка помеѓу двете земји.

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.
Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.
Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.






