„Сигмоид груп“ ги демантира сите наводи од таканеречната бомба на СДСМ.
„Во однос на личните податоци, категорично демантираме дека основачот Јован Јанкуловски има завршено Машински факултет. Истакнуваме дека тој никогаш не бил студент на Машинскиот факултет. Воедно, никогаш немал контакт со премиерот“, велат од „Сигмоид“ во демантот испратен до јавноста.
Во демантот уште се наведува дека „големината на тимот во рамки на групацијата е значително поголем и во изминатите две години континуирано изнесува над 20 вработени и ангажирани професионалци од областа на ИКТ, со јасна тенденција на раст“.
Во однос на добиените тендери, од „Сигмоид груп“ велат дека станува збор за групна набавка помеѓу компании во иста групација, односно помеѓу Сигмоид гроуп ДООЕЛ и Сигмоид ДОО.
„Од финансиските извештаи за 2024 година јасно е видливо дека поголемиот дел од остварениот промет на Сигмоид потекнува од странство, велат од компанијата и нагласуваат дека „Сигмоид Груп“ е официјален партнер со над 15 глобални водечки производители на ИКТ опрема и системи, особено од областа на сајбер безбедноста. Компанијата е ИКТ групација која е активно присутна на пазарот од 2018 година, со портфолио од над 40 клиенти во јавниот и приватниот сектор. Компанијата редовно учествува на јавни набавки во земхата, како и во други држави, вклучително и Естонија – една од најдигитализираните држави глобално. Податоци за дел од нашите клиенти се достапни и на нашата веб страна, како и на порталот за јавни набавки на Естонија. Во Република Северна Македонија, компанијата има склучено и реализирано повеќе од 30 договори директно со јавни институции, како и договори преку меѓународни донатори за имплементација на ИКТ системи“, велат од „Сигмоид груп“.
Оттаму се категорични дека во тендерите за кои обвини СДСМ се ангажирани и професионалци (вклучително и странски експерти) со највисоки сертификати од областа на сајбер безбедност, меѓу кои и експерти со НАТО сертификати за безбедност што, како што велат, укажува на капацитетот на проектните тимови.
„Сигмоид груп има реализирано и значителни договори со странски држави, меѓу кои и со јавни организации од Естонија, како и со повеќе јавни институции од земјите на Западен Балкан, вклучително Република Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина“, велат компанијата.
Претходно, и Владата и ВМРО-ДПМНЕ ги демантираа обвинувањата на СДСМ и ги оквалификуваа како груба клевета и конструкција.
станува збор за тенденциозен обид за политичка манипулација, во кој се пласираат фабрикувани тврдења без ниту еден релевантен доказ.
„Наводите поврзани со поединци и наводни привилегии се апсолутно неточни и се во директна спротивност со фактите и достапната документација од надлежните институции. Јавно и одговорно тврдиме дека во сите постапки не постои ниту најмал пропуст, ниту најмала неправилност“, тврдат од Владата.






